dn23574-1_12001
Функционални органи и ткива може да се печатат со помош на модерните тродимензионални печатари за печатење на биолошки материјали

До неодамна со помош на 3д печатење можеше да се создадат функционални протези како замена за изгубените екстремитети. Сега со помош на оваа технологија што денес станува се` понезаменлива за напредната медицина, можат да се печатат цели „живи“ органи, ткива, крвни садови, нерви и останати делови од телото, што со леснотија се интегрираат во организмот.

Како што пренесува зборникот Nature научниците се веќе во можност да испечатат мускулни ткива, коски и рожни творби како уши.

Истражувачите од Институтот за регенеративна медицина Wake Forest пред неколку дена објавија дека успеале не само да создадат заменски органи по пат на 3д печатење, туку успеале да ја потврдат нивната функционалност со имплантирање во животински модели. На глувците им биле имплантирани 3д ушни модели под кожата и за само неколку месеци новите органи биле прифатени со формирање на `рскавица и нови крвни садови.

Можеби ова не звучи како нешто на кое треба да се обрне особено внимание, но сепак научниците со ова достигнување се искачија на сосема ново ниво од медицинските иновации, поради фактот што ткивата што може да се испечатат се доволно големи и издржливи за примена од страна на луѓето.

Истражувачкиот тим предводен од страна на Ентони Атала (Anthony Atala) веќе е познат по печатењето на ткивата што се составен дел од човечкиот мочен меур. Се очекува оваа технологија во иднина тотално да го промени начинот на кој функционира медицината. Многу повеќе животи можат да бидат спасени и многу повеќе луѓе со хендикеп ќе можат да имаат нормален и квалитетен живот. За секој што мораше да се збогува со овој свет поради неисправно срце, бубрег и сл. и поради тоа што морал/а да чека со години за донатор и за да ја собере пресолената сума на пари за операција што не дава гаранција дали органот ќе биде прифатен од телото или пак, не – 3д печатењето на органи дава нова надеж.

Од сега па натаму 3д испечатените органи ќе можат да бидат соодветно прилагодени за конкретниот пациент, што секако дека ќе чини многу помалку од чекањето на жив орган од човечки донатор.

Технологијата користена во конкретното истражување се нарекува Интегриран систем за печатење на органи (Integrated Organ and Printing System – ITOP). Овој систем е неспоредлив со било кој друг вид на 3д печатење до сега, затоа што користи биодеградирачки материјал налик на пластика, за да се оформи обликот на ткивата од органите. Органите во себе содржат мастило базирано на вода како сврзно ткиво за клетките, но и серии од микроканалчиња што му овозможуваат на кислородот и нутритивните микроелементи да пловат низ нив.

Напредокот на 3д печатењето во медицината е значајно и од етичка гледна точка. 3д печатењето на ткива и органи ќе поштеди многу невини човечки животи, особено детски животи во третиот свет кои секојдневно немилосрдно гаснат само затоа што многу од органите што до неодамна не можеа поинаку да се заменат, имаа и се` уште имаат невидено голема цена на црниот пазар.

Научниците исто така веруваат дека 3д печатењето може да доведе до создавање на „супер-луѓе“ т.е. на супер органи што ќе не` обезбедат со нови способности и што ќе функционираат подобро од нашите сопствени органи. Иновативната дизајнерка Агата Хејнс (Agatha (Agi) Haines) од Ројалниот колеџ за уметност од Лондон верува дека еден ден со помош на биопечатењето (3д печатењето на човечките клетки) и со мала мутација на гените секој од нас ќе може да биде супер херој.

Повеќе информации: Engadget, 3DPrint, NBC

Претходна статијаReFlex е првиот функционален флексибилен смартфон
Следна статијаКабина која се откачува како спас при авионски несреќи