letv-le-max-pro-06

Кинеските производители на паметни телефони се повеќе се пробиваат на светскиот пазар. Помалку познатиот за повеќето корисници LeTV е кинески производител за којшто веќе пишувавме, а го привлече вниманието со критиките кои што ги имаше за Apple.

Оваа недела овој кинески производител повторно го привлекува вниманието со тоа што го претстави првиот телефон којшто работи со новиот Snapdragon 820 од Qualcomm.

За разлика од претходникот Snapdragon 810, којшто се покажа како проблематичен во одредени ситуации, 820-ката е чипсет за којшто производителите не се мислат дали да планираат да го вклучат во нивните нови „знаменосци“ модели.

Веќе можевме да прочитаме повеќе неофицијални информации и предвидувања за тоа кој ќе биде првиот телефон кој што ќе го користи 820-ката, а тие одеа до таму да тврдат дека Samsung ќе има ексклузивно право да го користи до април.

Со оглед на новиот телефон од LeTV, гледаме дека ништо од информациите не се погоди како точно, а нив ги поби новиот Le Max Pro.

Како што е јасно од процесорот на којшто ќе работи, Le Max Pro е телефон од највисоката класа. Соодветно на тоа доаѓа со компоненти кои што ги има кај конкурентите од таа класа.

Телефонот има огромен 6,33 инчен екран со 2К резолуција, односно WQHD резолуција со 2560×1440 пиксели. Работи на Snapdragon 820 чипсетот којшто вклучува 4 Kyro процесорски јадра кои работат на 2,2 GHz и Adreno 530 GPU графички процесор.

Од мемориска страна телефонот доаѓа со 4GB RAM и избор од 32, 64 и 128 GB внатрешна меморија за складирање на податоци. Сето ова е напојувано од батерија со капацитет од 3.400 mAh.

Работи на основа на најновата верзија од Android, односно 6.0 Marshmallow, покриена од посебен скин од компанијата којшто е направен до некаде да наликува на iOS, нешто што е карактеристично за кинеските производители.

Камерата на уредот е со 21 мегапиксели и од тоа што го кажуваат присутните на CES 2016 настанот истата работи одлично, брзо и вади квалитетни слики.

Телефонот е направен со метално тело, а вклучениот сензор за отисоци од прсти е поставен на задната страна и работи на новата Qualcomm Sense ID технологија којашто овозможува препознавање и преку стакло и други материјали.

LeTV Le Max Pro е претставен во рамките на CES 2016 настанот којшто се одржува оваа недела во Лас Вегас, па во периодот што следи ќе може да добиеме и повеќе информации и видеа.

Извор: Engadget, Android Central

Фото: Android Central

Претходна статијаDropbox патентира P2P технологија за пренос на податоци
Следна статијаHuawei го претстави Mate 8 на CES 2016
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.