Snapdragon-820

Веќе неколку пати пишувавме за Snapdragon 820, новиот чип на Qualcomm, кој треба да го врати на тронот на најмоќен чип на пазарот, титула која ја загуби со просечниот Snapdragon 810, кој згора на тоа имаше и проблеми со прегревање. Новиот чип донесува големи подобрувања од секој аспект и би требало да го видиме уште наредната година во многу од смартфоните од високите класи.

За разлика од својот претходник кој имаше ARM јадра, 820-ката сега ќе има четири 64 – битни Kryo јадра на 2.2 Ghz, дизајнирани и развиени од Qualcomm, како и дополнителен Hexagon 680 дигитален чип кој ќе биде константно вклучен. Процесорот ќе биде изработен од транзистори со големина од само 14 nm и ќе поддржува Dual Channel LPDDR 2 меморија на 1866 Mhz. Според Qualcomm, ова е доволно за двојно зголемување на перформансите во однос на Snapdragon 810, што за разлика од една година е фантастично!

Новата Adreno 530 графика исто така ќе донесе големи подобрувања и ќе биде до 40% побрза во однос на Adreno 430. Од Qualcomm велат дека новиот графички чип ќе овозможи „компјутерска“ графика во игрите, како и рендерирање на HDR графика, што е исто така импресивно. Adreno 530 поддржува и надворешни дисплеи со резолуции до Ultra HD.

Screenshot_1

Во Snapdragon 820 ќе биде вграден и нов, Spectra Camera ISP 14 – битен чип, кој ќе може да обработува фотографии до 28 мегапиксели и кој треба да донесе многу поголем квалитет во фотографиите. Исто така, чипот ќе овозможи и снимање на 4K видео со новиот H.265 (HEVC) кодек, кој овозможува висок квалитет и помали датотеки. Погоре споменатиот Hexagon 680 чип дополнително ќе може да се користи за подобрување на квалитетот на фотографиите, видеата како и VR искуството.

Snapdragon 820 го поддржува и новото QuickCharge 3.0 брзо полнење на Qualcomm, кое ќе овозможи полнење на батеријата од 0-80% за само 35 минути. Чипот е опремен и со најновиот X12 LTE модем, кој овозможува брзини на трансфер од 600 Mbps при симнување и 150 Mbps при качување на датотеки, како и нов Tri-Band Wi-Fi чип.

Новиот Snapdragon 820 ќе биде достапен во телефоните од високите класи уште на почетокот од наредната година.

Извор: PhoneDog, GSM Arena, Qualcomm

Претходна статијаInbox од Gmail ќе ви подготвува одговори на пораки со Smart Reply
Следна статијаНиска класа на смартфони – Android vs. Windows Phone