cbofderwhhtpwcffspxl

Најголемиот производител на компјутери во светот буквално распали на отворањето на CES саемот во Лас Вегас, со претставувањето на неколку иновативни решенија за Windows 10 машини, односно таблети и лаптопи, со ThinkPad брендингот, кој е пред се наменет за бизнис корисниците.

Особено е интересен новиот 12 инчен Windows 10 таблет од ThinkPad серијата со ознака Х1 Tablet, што значи дека е уред од највисоката класа. Како и секој X1 модел и овој има „војнички“ спецификации, што значи дека е прилично отпорен на удари. Во внатрешноста има Core m7 процесор на Intel, кој може да биде помогнат од максимум 16 GB рам меморија и SSD диск од 1 TB, зависно од желбите на купувачот, а панелот има резолуција од 2160×1440 пиксели.

fsppxon4ikeknd0dt2di

Сепак, главниот адут на X1 Tablet е можноста за проширување на можностите со ставање на дополнителни делови во долниот дел – едниот овозможува продолжување на траењето на батеријата за 5 часа, а се користи заедно со тастатурата која доаѓа во пакувањето, вториот е 3D камера, додека третиот е дигитален пико проектор, кој може да извади слика до 60 инчи во дијагонала.

Токму овој додаток, кој чини 279 долари (останатите се по 149), се чини како интересен за поголема група на луѓе, кои би можеле своите PowerPoint презентации да ги направат многу помобилни, иако и додатокот кој го продолжува траењето на батеријата е примамлив за бизнис корисниците.

Цената на X1 Tablet со тастатура и дигитално пенкалце изнесува 900 долари, што е прилично компетитивно во однос на Microsoft Surface Pro 4, кој во таа цена не вклучува тастатура.

mllcp49h86lbt9ideep3 copy

Вториот интересен уред од ThinkPad серијата е секако X1 Yoga. Се работи за лаптоп од високата класа, кој има дисплеј што може да се сврти 360 степени, за да се користи како таблет. И тоа прилично голем таблет – дисплејот мери 14 инчи во дијагонала, но со ниска маса од само 1,27 килограми.

Она што на овој модел му носи многу позитивни поени е тоа што во понудата има и OLED дисплеј со резолуција од 2560х1440, покрај IPS опциите со истата и Full HD резолуција. Ова е еден од ретките лаптопи со ваков екран, што треба да му донесе предност пред главните конкуренти во бизнис класата, особено за оние кои работат со фотографија и видео – OLED дисплеите имаат далеку подобар контраст и поширок спектар на бои.

Во внатрешноста на X1 Yoga инаку се вградуваат Core i5 и i7 процесори на Intel, со можност за максимум 16 GB рам меморија и 1 TB SSD диск. На лаптопот има и три USB 3.0 порти и HDMI излез, како и Ethernet порта. Цената ќе почнува од 1499 долари, но за моделот со OLED дисплеј со сигурност ќе треба да се доплати многу повеќе.

wcvpkh3kjbo2kh83ylmn copy

Покрај погоре споменатите X1 модели, Lenovo го претстави и ThinkPad X1 Carbon, кој е нова генерација на еден од најпопуларните лаптопи во високата класа последниве неколку години. За разлика од претходникот, овој нема да има модел со дисплеј на допир – за тоа се задолжени погоре споменатите. Сепак, лаптопот е целосно изработен од карбон – фибер, што ја овозможува ниската маса од само 1,17 килограми. Компонентите во внатрешноста се исти како кај X1 Yoga, но цената почнува од пониски 1299 долари.

yuux7w3iyuzinhhqv9el

Lenovo се погрижи на CES да ги задоволи и фановите на десктоп компјутерите, односно поголемите компании кои почесто се одлучуваат на статични машини. За таа цел претстави нов ThinkCentre X1 компјутер, кој е „се во едно“ уред, со Core i7 процесор, 16 GB рам меморија и неколку различни понуди на HDD, хибридни и SSD дискови. Дисплејот има резолуција од 1920х1080 пиксели, растегнати на дијагонала од 24 инчи. ThinkPad серијата Lenovo ја заокружи со специјален 27 инчен ThinkVision монитор без рамка во горниот дел и на страните, со резолуција од 3840х2160 пиксели и USB Type-C приклучок, чија цена изнесува 800 долари, но ќе биде достапен и 24 инчен модел со цена од 400 долари.

thinkvison-x24-pro-press

Заклучокот е дека ThinkPad серијата на Lenovo и натаму има најширок дијапазон на бизнис насочени модели, овој пат освежен и со вистински корисен X1 Tablet кој може да се користи како лаптоп, како и супер лесен X1 Yoga лаптоп што може да се користи како таблет. Surface серијата конечно има вистинска конкуренција.

Извор: The Verge, Gizmodo, Windows Central

Претходна статијаТелефонот со Continuum можност, Acer Jade Primo, пристигнува во Февруари
Следна статијаLG ја претстави новата K серија на мобилни од средната класа