Телефоните од Google, меѓу другото, отсекогаш биле познати по квалитетот на сликите кои може да се направат со овие уреди. Иако Google никогаш не биле нешто посебно заинтересирани да ги користат најновите и најдобри карактеристики кај своите камери, кои обично ги има и помалку од конкуренцијата, софтверот е тој кој успева да ги извади едни од најдобрите слики на пазарот.

Pixel 6 и Pixel 6 Pro, кои треба да бидат претставени во неделите што следат, за првпат ќе користат повеќе камери на задната страна, односно ќе дојдат со хардвер кој ќе привлече внимание и ќе ги зголеми очекувањата. Ова заедно со познатиот алгоритам од Google сигурно повторно ќе направи да корисниците на Pixel 6 ги добијат едни од најдобрите уреди на пазарот кога се во прашање можностите за сликање.

Извори на XDA Developers ги откриваат карактеристиките кои може да се очекуваат од наредните Pixel уреди. Тие го имаат дадено кодот за апликацијата за сликање од Google, а исто така имаат откриено и дел од карактеристиките.

XDA Developers ги објавува откритијата до кои имаат дојдено и според нив камерите на Pixel 6 ќе бидат следните. Двата модели ќе имаат главна камера со 50 мегапиксели Samsung GN1, како и ултра широка камера со 12 мегапиксели Sony IMX386. Pixel 6 Pro ќе има и трета камера со 48 мегапиксели Sony IMX586 со можност за зумирање на сликата.

На предната страна Pixel 6 ќе има камера со 8 мегапиксели, додека истата кај Pixel 6 Pro ќе биде со 12 мегапиксели. Според информациите, кај про моделот исто така ќе има можност за сликање со широк агол, додека оваа можност нема да биде достапна кај основниот модел.

Од XDA Developers откриваат и некои од можните функции кои ќе бидат дел од камерите, односно Google Camera апликацијата. Тие вклучуваат можности како рачно прилагодување на белата светлина, бришење на објекти и луѓе од сликите, тргање на заматеноста на лицето, поддршка за Bluetooth микрофон, додавање на ефект на заматеност и слично.

Се очекува дека Google ќе ги претстави овие телефони на почетокот од идниот месец, па не останува многу време на чекање да се види официјално какви ќе бидат камерите.

ИЗВОРXDA Developers
ИЗВОР 2Gizmodo
Претходна статијаSamsung најавува ново поглавје “Life Unstoppable: the house of surprises”
Следна статијаА1 Македонија ја лансира А1 Xplore ТV, телевизија на новата генерација
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.