Откако завршивме со Galaxy S8, кој штотуку беше претставен, продолжуваме со неговиот вечен противник, iPhone 8, кој треба да биде претставен на есен. Според нови информации, iPhone 8 ќе има скоро подеднаков дизајн како Galaxy S8, што е големо изненадување.

Секако, ова важи се додека им се верува на овие гласини и направени рендери. Според нив, информацијата е од вработен од Foxconn, компанијата која ги произведува смартфоните, но тоа не мора да значи ништо. Исто така, таа доаѓа веднаш после претставувањето на Galaxy S8, што е чуден тајминг.

Но, да се вратиме на информациите. iPhone 8 ќе има многу мала рамка над и под дисплејот, додека од страните тој ќе биде делумно закривен, но веројатно не толку многу како на Galaxy S8. За разлика од корејскиот конкурент пак дисплејот на iPhone 8 нема да биде заоблен на аглите, туку остар.

Екранот веројатно ќе има големина од 5,8 инчи, повторно исто како Galaxy S8 и дисплејот ќе биде AMOLED, да, повторно како Galaxy S8. И слично на корејскиот конкурент, “Home” копчето ќе биде виртуелно и ќе поддржува 3D Touch, а читачот за отпечатоци ќе биде ставен во задниот дел.

Сето ова мене ми личи на желби на вљубениците во iPhone, особено по претставувањето на Galaxy S8 и S8+, кои прилично добро ја раздрмаа смартфон сцената. Можеби има и вистина во овие информации, но земете ги со задршка.

Извор: The Next Web, Daily Mail, 9 to 5 Mac

Претходна статијаОд Google Docs директно на вашиот WordPress веб-сајт
Следна статијаНаскоро Tinder и во десктоп варијанта