N9-hero-fan-1600

Google го претстави третиот член од Nexus серијата на таблет компјутери во половината од Октомври минатата година. Наследник на претходните Nexus 7 модели од 2012 и 2013 година, новиот наречен Nexus 9 доаѓа со нешто поразличен концепт.

Првата работа која што може да се истакне е неговата големина, што го става во целосно нова категорија на уреди. Промена во големината на таблетот можеби и не е чудна одлука со оглед на се поголемата популарност на фаблет, односно телефон/таблет уредите кои што доаѓаат со големина од околу 6 инчи. Истражувањата покажуваат дека таблет компјутерите бележат пад на продажбите токму поради овие мобилни телефони, па претставувањето на таблет изгледа пологично да биде направено во поголемата категорија.

Nexus 9, кој што овој пат е направен од страна на HTC (претходните 2 беа направени од Asus), доаѓа со 8,9 инчен IPS LCD екран со резолуција од 2048×1536 пиксели и нивна густина од 281 ppi. Големината на екранот можеби и ја бара оваа поголема резолуција за задржување на густината на пикселите што директно влијае на корисничкото искуство при читање на текст од уред кој што се користи од мала далечина.

Интересно е да се напомене дека Nexus 9 доаѓа со размер на екранот од 4:3, што е првпат кај таблет компјутерите од Google. Овој размер на екранот е карактеристичен кај iPad таблетите и зависно од преференциите на корисниците, може да претставува голема предност.

Од другите карактеристики, Nexus 9 доаѓа со Nvidia Tegra K1 чипсетот со 64-битниот Quad-core 2.3 GHz Denver процесор и Kepler DX1 графички процесор, а работи на 2GB RAM меморија. Моделот кој што го добивме на користење, а воедно е достапен за корисниците вклучува 16 GB внатрешна меморија, а уредот вклучува и модел со 32GB.

ПРВИ ИМПРЕСИИ ОД КОРИСТЕЊЕ НА УРЕДОТ

Уредот имавме шанса да го користиме 2 дена, што се разбира не е доволно за правење на сите можни тестови, меѓутоа и повеќе од доволно за да добиеме претстава со што си имаме работа. Како корисници на двата постари модели, веднаш почнаа да излегуваат на површина споредбите со уредите кои што до тој момент активно ги користевме, а тоа се’ уште го правиме.

Уредот го добивме од Anhoch, каде што е достапен во продажба за македонските корисници. Може да се купи по цена од 25.980 денари, а моделот кој што е достапен е тој со 16GB меморија за складирање на податоци.

Првата работа што ја забележавме при користење на уредот е неговата големина. Научени на досегашните модели кои што доаѓаа со 7 инчни екрани, Nexus 9 е доволно поголем за да направи разлика. Меѓутоа, неговата големина воопшто не го правеше таблетот понезгоден за користење. Неговата тежина не е нешто што доаѓа до израз при неговото користење.

Она што се истакнува при користење на Nexus 9-ката е секако екранот, кој што кај овој модел доаѓа со поголема резолуција од Full HD, односно вклучува 2048×1536 пиксели. Се што би отвориле на овој екран изгледа одлично, а солидно е и прикажувањето на боите, како и острината на сликата.

Со Nvidia Tegra K1 чипот на кој што работи овој модел, забележлива е и подобрата брзина на уредот од претходните модели. Се разбира главната оценка за перформансите може да се даде по неколку месечно користење, меѓутоа од тоа што може да се прочита од искуствата на корисниците, проблеми околу овој дел во главно нема.

На таблет компјутерите барем ние во главно читаме одредена содржина, како книги, вести и слично. Исто така, овие уреди се погодуваат и како корисни за измена на некои од работите кои што ги работиме на десктоп компјутер преку Office апликациите.

Поради тоа ја искористивме шансата да ги пробаме новите Microsoft Office апликации за Android, кои што се прилично големи и захтевни. На Nexus моделот од 2012 тие беа и скоро неупотребливи поради честото кочење на уредот, како и долгото време на нивно стартување.

Како што би очекувале, на Nexus 9 уредот се што пробавме работеше со одлична брзина и без никакви кочења, а истото важеше и во ситуации кога работевме со повеќе апликации.

Во продолжение можете да го погледнете видеото кое што го снимивме од уредот, на кое што е прикажано неговото отпакување, како и кратка презентација од која што можете да добиете претстава како изгледа и што може да очекувате.

Претходна статијаPuddle – Позајмувајте пари од вашите пријатели, а не од банките
Следна статијаGuardBot – Робот набљудувач кој требало да биде пуштен на мисија на Марс
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.