GuardBot е мал робот во форма на тркало развиен од страна на истоимената компанија од Конектикат, САД. Првичната намена на овој робот било снимање на површината на Марс, односно требало да биде дел од некоја од мисиите кои што се планираат на оваа планета. Токму неговата форма го прави погоден за движење по различен терен, со поголема брзина од таа на моментално присутните Марс ровери.
Големината на роботот изнесува 60 сантиметри, односно толку е дијаметарот на тркалото. Тој може да биде направен и во други големини зависно од потребите, големини кои што вклучуваат можност од 10 сантиметри до 3 метри.
GuardBot може да се движи и по нагорнини кои што се до 30 степени наклон. Направен е да може да се движи по повеќе видови на терени како што се трева, кал, па дури и вода. Брзината со која што може да се движи е околу 10 километри на час, брзина која што се намалува на околу 7 доколку се движи во вода.
Главната своја намена роботот ја извршува преку камерите кои што се вградени на двете негови страни. Тие може да снимаат и во вистинско време, а снимките се во висока резолуција.
Движењето на роботот може да се контролира од оддалечена точка, а исто така тој може да биде програмиран претходно по што со помош на сензорите ќе ја изврши својата „мисија“.
Моментално развојот на овој робот е за потребите на американската војска која што може да го користи за повеќе намени. Делот кај што се камерите може да биде користен за ставање на товар до 2 килограми, па веќе се даваат примери за можноста за ставање на експлозиви. Најмалата верзија од роботот може да се користи за снимање на долниот дел од возилата кои што поминуваат одредени точки, како што се граничните премини.
Извор: GuardBot, IFLScience, Geek