iphone 7 (4)

Минатава деценија, секој нов iPhone на Apple беше придружен и со бројките на продажба – американскиот гигант не пропушташе да се „пофали“ колку луѓе го нарачале или купиле, додека медиумите редовно покажуваа слики и видеа од тоа колкав ред се чека пред продавниците.

Слики и видеа сигурно ќе продолжиме да гледаме, но Apple веќе нема јавно да ги прикажува бројките од продажбата на iPhone во првите неколку денови и месеци од лансирањето. Според нив, причината за ова е што иницијалната продажба на телефоните не е меродавен факт за побарувачката.

Со ова делумно се сложувам – iPhone секогаш ќе биде популарен во почетокот на лансирањето, бидејќи сѐ уште има најголема база на смартфон корисници во светот. Сепак, многу поважно за Apple, но и за инвеститорите кои сакаат да инвестираат во оваа компанија, е како iPhone ќе се задржи на пазарот после лансирањето на конкурентните модели, кои во последно време одземаат се поголем дел од колачот на најпопуларниот телефон.

Исто така, последните iPhone-и се првите кои имаа пад на продажбата, што сигурен сум дека е дополнителна причина што Apple нема да не почести со податокот за тоа колку милиони iPhone-и се продадени. Макар и пад од 1% во однос на претходната генерација може да биде огромен удар за Apple и за вложувањата од инвеститорите.

Ова секако не значи дека новите iPhone-и нема да се распродадат, но е менување на стратегијата на Apple, односно на начинот на кој ги комуницираат бројките во јавноста. Очекувајте iPhone 7 и 7 Plus и натаму да бидат најпродаваните паметни телефони во светот и тоа убедливо пред конкурентите.

Извор: The Verge, Bloomberg, Venture Beat

Претходна статијаMicrosoft Skype Teams ќе биде првиот сериозен конкурент на Slack
Следна статијаПогледнете го најавениот Nexus Sailfish телефон од секој агол во ново видео