Apple оваа недела ја пушти финалната верзија од macOS Ventura за сите корисници, односно оперативниот систем излезе од бета тестирање. Една новина посебно се истакнува кај macOS 13, но сепак оваа верзија донесува цела листа на нови функции.

Главната новина која посебно се истакнува е Stage Manager функцијата која е една од подобрите воведени функции на било кој оперативен систем, а посебно за корисниците кои работат со повеќе апликации во исто време и сакаат тоа да биде направено во организиран ред.

Отворените апликации се редат на левата страна од екранот, а со притискање на овие мали „слики“ се донесува соодветната апликација во преден план, па со притискање на друга, апликацијата се заменува со таа.

Stage Manager овозможува и групирање на неколку апликации, па на пример апликациите за разговори може да се постават една врз друга и да се отвораат со едно притискање на наредените апликации на левата страна.

Останатите новини кои се дел од macOS Ventura ги вклучуваат следните:

  • Враќање на испратен имејл преку Mail апликацијата во рок од 10 секунди. Копчето Undo Send се појавува на долниот лев дел од апликацијата
  • Mail апликацијата ќе постави во горниот дел порака која е испратена до некого со прашање на кое не е одговорено
  • Потсетник на пораките во Mail за испраќање на таа порака во одредено време
  • Закажување на пораки да бидат испратени во некое идно време
  • Известување доколку се испраќа имејл без прикачена датотека доколку во текстот се споменува истата
  • Користење на iPhone како веб камера на Mac, како и можност да се користи само микрофонот од телефонот
  • Можност за прилагодување на камерите кои се користат од iPhone
  • Quick Look функцијата сега е достапна и преку Spotlight
  • Кратки акции преку Spotlight како што е вклучување на Sleep Focus, на пример
  • Можност за прикажување и копирање на лозинката од поврзаните Wi-Fi мрежи преку Settings
  • Можност за прикачување на групи на табови во Safari
  • Можност за споделување на групи на табови од Safari
  • Можност за измена на безбедната лозинка која е препорачана од Safari
  • Можност за измена на веќе испратена порака преку Messages во рок од 15 минути
  • Можност за означување на пораки во Messages како непрочитани
  • Можност за откажување на испратената порака во Messages во рок од 2 минути
  • Можност за вклучување на инсталирање на безбедносни надградби без потреба од ажурирање на целиот систем
  • Позадински звуци кои треба да им помогнат на луѓето кои работат во околина со бучава
  • Часовник апликацијата од iPhone и iPad сега е достапна на Mac
  • Weather апликацијата од iPhone сега е достапна на Mac
  • Можност за селектирање на текст од видеа, како што е можно од слики
  • Откривање на дупликат слики во Photos
  • Можност за селектирање на објекти од сликите, како што тоа може да се прави во iOS 16
  • Избор на тоа колку често ќе се прави „бекап“ преку Time Machine
  • Заклучување на белешки со лозинка или Touch ID
  • Продолжување на започнат FaceTime разговор од iPhone на Mac, односно на било кој уред
  • Можност да се избере барање на дозвола за поврзување на уредите преку USB-C портата
  • Lockdown режимот кој стана достапен и на iPhone со iOS 16

Иако не се работи за драстични промени кај macOS, сепак macOS Ventura донесува доволно новини за да вреди надградбата, процес кој кај Apple корисниците се одвива без проблеми и го прават повеќето корисници со поддржани уреди.

Претходна статијаApple ја пушти iOS 16.1 надградбата за сите корисници на iPhone
Следна статијаApple официјално го потврди прифаќањето на USB-C приклучокот кај iPhone
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.