Кога претседателот на САД Џо Бајден ја промени одлуката од неговиот претходник, Доналд Трамп, поврзана со TikTok, завршија проблемите кои ги имаше оваа популарна кинеска апликација.
Во периодот што следеше оваа апликација стана уште повеќе популарна во светот, до степен што Meta најавува промени кои ќе ги направи нивните две апликации, Facebook и Instagram, повеќе слични со TikTok.
TikTok е и првата апликација, која не е од Meta, која има достигнато повеќе од 3 милијарди симнувања на двете продавници за апликации.
Работите сепак нема да продолжат вака за TikTok, па комесарот на американската FCC, односно Федералната Комисија за Комуникации, испрати писмо до директорите на Apple и Google, преку кое бара тие да ја тргнат апликацијата од нивните продавници.
Во Twitter објава, комесарот Брандан Кар истакнува дека TikTok не е само уште една видео апликација. Тоа е само „овчата кожа“. Апликацијата собира големи количини на чувствителни податоци за кои нови информации говорат дека се пристапени од Пекинг.
Во својата објава тој го вклучува и писмото кое го има испратено, а во него се гледа дека се повикува на објавените снимки преку BuzzFeed News од вработени во ByteDance, компанијата мајка на TikTok.
Во овие снимки наводно се слушаат повеќе разговори на вработените во компанијата, а во нив тие истакнуваат како имаат пристап до сите податоци од своите корисници.
Ова е спротивно на тврдењата на компанијата дека тие немаат пристап до овие податоци и дека се безбедно чувани на сервери од американска компанија која е задолжена за нивната безбедност.
Дали Apple и Google ќе се одлучат да ја отстранат TikTok од нивните продавници за апликации ќе видиме наскоро.