Collections на Microsoft Edge е една од подобрите функции на овој прелистувач која прави да вреди да се користи, а сепак е прашање колку од корисниците знаат дека постои.

Се работи за дел од Edge каде може да се зачувуваат веб страни, да се додаваат белешки, а сето ова да се организира во категории, односно во посебни „папки“.

Сигурно ќе се прашате, па добро, што е ова различно од Favorites, па краткиот одговор би бил дека сега за сега разликата е во главно во начинот на прикажување на страните, со слика од левата страна, како и можноста за додавање на белешки во секоја папка. Тука е и можноста за пренесување на страните во Excel, OneNote и слично, но главната разлика ќе дојде во периодот што следи по воведувањето на нови функции кои Microsoft ги најави оваа недела.

Покрај веб страни, Collections сега ќе може да се користи за зачувување на слики од веб страните. Се што ќе треба е да се помине со курсорот врз сликата, каде ќе се појави нов дел, еден за пребарување на сликата, а друг за додавање на сликата во некоја од „колекциите“.

Microsoft ја промовира Collections функцијата како одлична за организирање на одредени патувања, на пример или организирање на реновирање на домот и слично.

Додатно, Microsoft ќе додаде и посебен дел кај Collections кој ќе дава предлози од слични страни на тие кои се зачувани, па ова треба да придонесе до подобра инспирација и откривање на нешто ново.

Посебно интересна новина која ќе ја добијат Collections е Follow функцијата. Со оваа функција ќе може да се следат одредени страни, за почеток YouTube, TikTok и слични, па корисниците преку Collections ќе можат да гледаат што ново е објавено на страните кои ги следат.

Microsoft се труди да го направи Edge што повеќе привлечен за корисниците, нудејќи повеќе вакви можности, но според некои прелистувачот станува комплициран, а начинот на функционирање на Google останува најдобар, односно едноставен прелистувач со избор на додатоци. На крајот, останува на вкусот на корисниците.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаОпштествена одговорност преку едукација и креација
Следна статијаКомесарот на американската FCC ги повика директорите на Apple и Google да ја отстранат TikTok од продавниците за апликации
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.