Замислете како би било да можете да ги уживате сите погодности од имање државјанство на некоја развиена земја, без воопшто да стапнете на нејзино тло. Безбедно е да се претпостави дека голема улога во постигнувањето на оваа цел ќе ја има технологијата, која ја чувствуваме во секој дел од нашето живеење. Се повеќе размислуваме дигитално наспроти аналогно. Bruce Schneier (нека помогне некој кој знае да го спелува неговото презиме на кирилица) ги споделува неговите размисли за тоа како тој ја чувствува сеприсутната поврзаност на технологијата со предметите од нашето секојдневие:

Кога лани ми се расипа фрижидерот, мајсторот го замени компјутерот кој го контролира самиот фрижидер. Тогаш сфатив дека размислувам за мојот фрижидер во обратна насока: тоа не е фрижидер со вграден компјутер, туку компјутер кој ја одржува храната ладна. На сличен начин, се околу нас е претворено во компјутер. Вашиот телефон е компјутер кој воспоставува повици. Вашиот автомобил е компјутер со гуми и мотор. Вашата рерна е компјутер кој прави лазањи. Вашата камера е компјутер кој фотографира.

Во меѓувреме, мисловниот експеримент од почетокот на овој напис полека станува реалност. Имено, од 2014 година, Република Естонија е првата земја во светот која нуди т.н. “е-државјанство“. Преку е-државјанството, луѓе од целиот свет можат да добијат дигитални идентитети сертифицирани од владата на Естонија, со кои ќе имаат пристап до услуги како онлајн банкарство, образование и здравствено осигурување. Ваквото државјанство не вклучува и право на физички престој во Естонија, туку е начин за олеснување на завршување на сите услуги по електронски пат, преку дигитална автентикација.

Примарната цел на е-државјанството е да привлече стартапи и мали компании, претежно од ИТ секторот, кои од самиот старт ќе ги прескокнат бирократските пречки со кои инаку би се соочиле, на тој начин правејќи ја Естонија привлечна за странски инвестиции и почнување на бизниси. Неконвенционалниот и оригинален пристап на естонската влада е воочлив и од следнава изјава на Таави Котка, заменик генерален секретар за комуникации на Естонија:

“Додека Ирска и Швајцарија се фокусираат на големи компании, ние би сакале да привлечеме стартап и други мали и средни претпријатија.”

Стартап претпријатијата сиот свој бизнис ќе можат да го раководат по електронски пат, преку дигитални потписи (со употреба на „паметни“ ID картички со вграден микрочип). Едноставно, тие ќе можат да склучуваат и потпишуваат договори целосно по електронски пат, преку употреба на еден вид на електронски централен регистар.

Иницијативата е дел од проектот „е-Естонија“ која има за цел да ја воспостави оваа балтичка земја како една од водечките ИТ земји во светот, поттикнувајќи досега ретко видена соработка помеѓу владата и приватниот ИКТ сектор. Siim Sikkut, советник за политики за ИКТ во естонската влада, за потенцијалните е-граѓани на Естонија изјави дека:

Откако ќе добијат дигитален идентитет, исто како и жителите на Естонија, тие може да ги завршуваат своите секојдневни обврски на многу лесен и погоден начин – како на пр. банкарство, владини зделки, менаџирање со фирми и лекарски посети.

Естонија прераснува во вистинско дигитално општество и полека ги руши физичките и административни бариери кои инаку би требало да ги поминат бизнисмените, претприемачи, па и обичните граѓани кои на некој начин тргуваат во Естонија. Естонските граѓани гласаат онлајн, плаќаат даноци онлајн, а програмирање се учи уште од основно училиште. Ништо чудно за неколку години Естонија да прерасне во европската Силиконска долина.

Интересен пристап кој можеби би функционирал и на наше тло, и би ја живнал македонската стагнантна економија. Ако може Естонија да прерасне во балтичката Силиконска долина, тогаш зошто Македонија да не прерасне во балканската?

Претходна статијаDashbon Flicks е пренослив звучник со проектор за гледање филмови во дивината
Следна статијаLenovo инсталира adware софтвер на нивните компјутери кој може да ги следи и заштитените конекции