Фото: Shutterstock.com

Со оглед на тоа што Google „живее“ од реклами, а Chrome е голем фактор во овозможувањето на тие реклами, не е чудно што зголемувањето на приватноста на корисниците е нешто што со години се воведува како дел од овој прелистувач.

Подобрувањето на приватноста на корисниците на Chrome се состои од два дела. Едниот е исклучувањето на можноста од користење на колачиња од трети страни, нешто што беше одложено за две години минатата година. Со ова страните нема да можат да ги следат корисниците на другите страни, барем на преку колачињата кои се поставуваат.

Вториот дел е воведување на нов систем за огласувачите да можат да им ги пуштат на корисниците рекламите кои тие би сакале да ги видат, а е наречен Privacy Sandbox. Оваа функција еднаш беше изменета поради критиките кои ги доби првата верзија.

Во основа, Chrome на самиот уред ќе го стави корисникот во неколку предодредени категории, кои потоа ќе ги добиваат огласувачите без историјата на сурфање од тој корисник. Со тоа огласувачите ќе можат да пуштаат реклами кои се во рамките на интересите на корисникот, но без да имаат пристап до неговата историја на сурфање, со што се добива доста поголема приватност.

Исклучувањето на колачињата од трети страни од Google го нарекоа Tracking Protection, нешто што има многу посериозно значење на другите прелистувачи.

Оваа новина ќе им биде пуштена на мал дел од корисниците на Chrome од идниот месец. Се работи за 1% од корисниците, а тие што ќе бидат дел од оваа фаза ќе биде известени.

Останатите корисниците оваа промена можат да ја очекуваат во втората половина од идната година.

Секако, исклучувањето на колачињата од трети страни може да се направи и сега, односно како можност е одамна достапно. Промената која ја прави Google најголема разлика ќе направи кај корисниците кои не се запознаени со оваа можност, најчесто тие кои само сурфаат и не го „чепкаат“ прелистувачот многу.

Прашањата продолжуваат за тоа дали Google навистина ќе овозможи подобра приватност за корисниците, а посебно кога се во прашање нивните реклами.

Тоа што треба да се истакне по не знам кој пат е дека решението кое се предложува и форсира од доста организации за целосно блокирање на „тракерите“ не е баш решение. Бесплатноста на интернетот на тој начин е директно загрозена, а тоа може да се види и од зголемениот број на страни кои бараат претплата за нивната содржина по зголемувањето на бројот на корисниците кои ги блокираат рекламите, меѓу другото.

ИЗВОРThe Verge
Претходна статијаGoogle Contacts добива интеграција со споделувањето на локацијата во вистинско време од Google Maps
Следна статијаRCS разговорите во Google Messages ќе имаат посебна позадина за да се разликуваат од SMS и MMS пораките
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.