Уште на почеток да нагласиме, додатоците за Microsoft Edge се’ уште не се достапни за сите корисници, односно достапни се во најновите Windows Insider верзии од Windows 10. Од самиот старт Microsoft овозможи неколку од нив направени додатоци, меѓутоа она што се чека е програмерите да ги донесат своите познати Chrome и Firefox додатоци на Edge.
Едни од најпознатите и најмногу симнувани додатоци за другите прелистувачи се блокерите на реклами AdBlock и AdBlock Plus. Се работи за два различни додатоци, односно иако имаат скоро исто име, направени се од различни компании.
Овие додатоци станаа достапни на Microsoft Edge, со што се добива впечаток дека прелистувачот нема да го има проблем со достапноста на најпотребните и познати додатоци.
Ова е важно поради успехот на Edge, којшто веќе ја изгуби првата позиција заедно со Internet Explorer. Корисниците веќе одамна не сакаат да користат прелистувач којшто е направен од Microsoft, па Edge е надежта на компанијата дека ќе остане релевантна на овој пазар.
Додатоците се можеби и најважниот фактор за тоа дали еден прелистувач вреди да се користи. Се разбира има и многу повеќе фактори, меѓутоа недостатокот на додатоци може да направи и одличен прелистувач да не биде користен од страна на корисниците.
Microsoft Edge во оваа фаза покажува дека има потенција. Тој е брз, едноставен и корисниците покажуваат дека се спремни да го користат.