fb_ai2-1024x576

Има една позната анегдота во моето маало која вели: „За да направиш пари треба да почнеш да се занимаваш со правење програмчиња. Сепак, најдобро би било да најдеш програмче кое ќе прави програмчиња (и ти си раат)“.

Изгледа дека нашата маалска генијалност не била уникатна туку дека и други големи умови се занимавале со истата идеја. Имено, Facebook работи на некоја, да речеме „слична“, идеја.

Тие постојано се обидуваат да ги подобрат алгоритмите кои работат низ нивната мрежа на сервери насекаде во светот. Дел од алгоритмите заклучуваат што треба вие да видите (и во координација со човечки фактор цензурираат конзервативни гледишта веројатно бидејќи повеќето од вработените во Facebook се „прогресивци“ (левичари)), дел препознаваат лица и автоматски ве предложуваат за означување (што е нарушување на приватноста), дел „копаат“ низ огромното количество податоци за да дадат смисла на светот и така натаму.

Секако, ваквите алгоритми треба да се подобруваат секојдневно, но досега тоа беше можно преку мачна работа на врвни тимови составени од научници, инженери и академици кои неуморно работеа на секои два месеца рачно да донесат некакво подобрување на некој алгоритам.

Не повеќе.

Flow

Што е Flow? Се работи за платформа изградена од Facebook која овозможува тестирање на нови идеи и алгоритми. Таа е достапна на сите вработени во компанијата и овозможува користење на огромните бази на податоци кои ги поседува компанијата за тестирање на нови типови на алгоритми пред да бидат пуштени во јавност.

Досега сè е како што треба. Ваква алатка имаат сите големи компании како Microsoft, Google и слични.

Меѓутоа, Facebook има уште една алатка која им овозможува далеку побрзо создавање на нови и подобрени алгоритми.

AutoML

drawing-hands.jpg!Large

Што е, пак, AutoML?! Се работи за алатка која следи како некој алгоритам испробан во Flow се извршил т.е. колку ефикасно и потоа ги враќа овие информации назад за да се помогне еволутивниот процес на филтрирање на подобрите од полошите алгоритми.

Тоа што е поинтересно за AutoML е што има способност донекаде автоматски да ги менува алгоритмите за да бидат подобри во очиглед на информациите собрани околу нивната ефикасност. Во основа, програмче кое можеби не прави, но поправа други програмчиња!

AutoML сè уште нема способност да создава алгоритми од нула, но никогаш не вели никогаш! Брзината на развитокот на технологијата е толкава што јас би очекувал тоа да се случи некаде до 2020-та година. Не ви се верува? На Реј Курзвејл му се верува, а е познат по точните предвидувања во светот на технологијата.

Каде оди ВИ која создава ВИ?

Пробајте да ја пресметате на памет следнава равенка:

Трети корен од ((134,7 ^3) х 0,27)

Колку време ви беше потребно? Барем еден ден? Недела?

Епа денешен компјутер ја пресметува за помалку од секунда. Брзината на изведување на алгоритмите кај компјутерите е неспоредлива во однос на нас и тоа во главно поради фактот што нашите биолошки мозоци се далеку побавни него електронски-градените.

Тоа би значело дека ако започне синтетичката интелигенција (во форма на алгоритми) да создава и подобрува други алгоритми (па и себеси), брзината на развиток во СИ од таа точка ќе експлодира во патека која веќе нема да можеме ни да ја следиме!

Од таа точка враќање назад нема и треба да очекуваме толку брз развиток, што за неколку години од неа ќе се создаде супериорна СИ во однос на целото човештво (популарниот Технолошки сингуларитет). Ако не сме спремни за тој настан може да завршиме во нејзиниот спам.

Дополнителни информации: Wired, CACM

Претходна статијаAdBlock и AdBlock Plus достапни на Microsoft Edge – показател за успехот на прелистувачот ?
Следна статијаApple има патентирано “Smart Cover” футроли за iPad со дополнителни дисплеи