life_cycles

Научниците од Универзитетот од Калифорнија, Санта Круз  и од Универзитетот од Минесота користејќи повеќе компјутерски симулации на суперкомпјутери, дошле до интересен феномен кој се случува при крајот на животниот век на супермасивните ѕвезди.

Имено, овие ѕвезди кои имаат маса колку 55.000 до 56.000 наши Сонца на симулациите покажале дека е возможно да не го следат регуларното завршување на животниот век на големите ѕвезди (над 2,5 сончеви маси) во вселената и да не се претворат во црни дупки. Место тоа, според наодите од симулациите, можно е да експлодираат во масивна експлозија (супернова) при што целиот нивен градбен материјал се троши.

Само да се напомене дека ваквите супермасивни ѕвезди од првата генерација во главно се тие кои настанале на самите почетоци на нашиот универзум и се првите кои почнале со создавање на потешки елементи (хемиски елементи потешки од водорот и хелиум). По нивната смрт, нивниот ѕвезден материјал се распрскал низ вселената, овозможувајќи на следните генерации на ѕвезди (во главно помали од нив) да започнат со својата „работа“. Научниците пронашле дека ваквите примордијални ѕвезди имаат просечен животен век од 1,69 милиони години по што стануваат нестабилни (заради релативистички ефекти на огромни маси) и потоа започнуваат со распад. Како што ѕвездата се распаѓа, започнува со забрзано производство на тешки елементи како кислород, неон, магнезиум и силициум, од хелиумот кој го користат како секундарно гориво. Енергијата при овој процес ослободува повеќе енергија од колапсирачкото дејство на гравитацијата, што предизвикува експлозија (супернова).

Инаку при симулациите за животот на овие ѕвезди и за други вселенски феномени, астрофизичарите многу често го користат еднодимензионалниот ѕвезден еволуциски код кој се нарекува КЕПЛЕР. Овој код ги зема предвид многу клучни процеси како што се нуклеарното горење и фузијата што се случува внатре во ѕвездите, ѕвездената конвекција, фото-распаѓањето на елементите, производството на парови на електрони-позитрони, и специјални релативистички ефекти.

Пред кратко време од друг тим на научници беше предложено дека всушност црна дупка не може да се формира на крајот на животниот век на ѕвездите, туку дека постапно целата нивна материја бива емитувана во универзумот.

Извор: Phys.org, Goddard Space Flight Center

Претходна статијаНовиот Unreal Engine 4.5 ветува уште пореални гејмерски средини
Следна статијаИконските телефонски говорници во Британија стануваат соларни станици