ARM

ARM, компанијата која стои зад развојот на дизајнот на процесорите кои ги произведуваат производителите на чипови, ја претстави наредната генерација која ќе се користи од мобилните уреди од идната година.

Под мобилни уреди веќе секако не може да се вбројат само паметните телефони. Со вакви процесори веќе почнуваат да работат и голем дел од лаптоп компјутерите, а Microsoft веќе ги промовира таканаречените „Always On“ компјутери со Windows 10.

Наредната генерација на процесори од ARM е составена од Cortex-A77 процесорот, како и Mali-G77 графичкиот процесор. Новата генерација, исто како и претходната е направен во 7 нанометарска технологија.

Cortex-A77 донесува подобрување во перформансите од 20% во споредба со претходниот процесор А-76. Секако, подобрувањата секогаш доаѓаат и со подобра ефикасност, односно помала потрошувачка на енергија.

Новиот процесор доаѓа и со подобрување во способноста за машинско учење, како и Виртуелна реалност и Проширена реалност, се благодарение на подобрувањето во перформансите.

Зголемувањето на перформансите може да донесе до намалување на потребата од вклучување на повеќе вакви јадра во чиповите, па саканата моќ на уредот да се постигне со помалку јадра, а да се остави простор за штедливите јадра и други додатоци.

Графичкиот процесор Mali-G77 доаѓа со 40% подобрување на перформансите, како и 30% подобрување на енергетската ефикасност. Од ARM посебно го истакнуваат овој процесор со оглед на се поголемото користење на мобилните уреди за играње на игри, на сметка на компјутерите.

Сите подобрувања во перформансите исто така доаѓаат во време кога ќе почне да се користи се повеќе 5G мрежата, а тука се и сите сервиси и уреди кои ќе бидат многу повеќе овозможени поради тоа. Процесорската моќ е секако потребна за цел овој развој.

Оставете коментар