Препорака за „мора да се гледа“ филм – The Gentlemen (2019)

Предобар и презабавен филм. Ваквите на Ричи би ги гледал нон-стоп. Се надевам дека ќе остане на овој терен и наредните филмови

После разочарувањето наречено The Invisible Man, ми требаше да се освежам со нешто добро. Од долгата листа на филмови го одбрав The Gentlemen. Знаев дека е Гај Ричи филм кој вклучува гангстери, добри глумци, многу насилство и е сместен во Англија. Тоа е класичното Гај Ричи искуство кое ни фали уште од Snatch и Lock, Stock and Two Smoking Barrels (и уште подобриот превод, Две зачадени двоцевки).

Но, во последно време треба да си претпазлив кога е Ричи во прашање. Го гледав Шерлок Холмс, неговиот можеби најдобар филм во последниве неколку години, и не ми остави некој посебен впечаток. Последен филм му беше минатогодишната верзија на Аладин (не го гледав, ама од тоа што слушам бил епско промашување), дел од стратегијата на Дизни да ги искасапи сите наши омилени цртани од детството.

Гај Ричи никогаш не ми делувал како Дизни лик. Најдобар си е кога е пуштен од ланец, правејќи филмови со брзи дијалози, добар хумор, акција, твистови и многу насилство.

Баш тоа го нуди во The Gentleman. Предобар филм, ме изненади колку ми се допадна. Ричи не троши време и одма бара од тебе да се нурнеш во филмот. Приказната се врти околу Мајкл Пирсон (Метју Меконахи) кој има изградено своја империја за производство и продажба на канабис. Тој поседува низа плантажи/лаборатории за производство на оваа тревка и е кралот на овој бизнис во Англија. После многу години на тронот, сака да го продаде овој профитабилен бизнис и да се пензионира. Да живее помирен живот со својата сопруга. Наоѓа и купец, со кој брзо се договараат за цената.

Но, тука почнуваат зафрканциите. Серија на случки ќе му го нарушат планот за пензионирање на Пирсон. Неколку фамилии од регионот кружат како хиени околу Мајкл, кога дознаваат дека тој сака да оди во пензија. Нормално, сакаат да го преземат неговиот бизнис. Во меѓувреме, неговата екипа, предводена од Рејмонд (Чарли Ханам) врши некои задачки низ градот, но притоа прави некои сплетки што уште повеќе ја комплицираат работата. А паралелно на сето ова, многу важна улога игра и Спенсер (Хју Грант), приватен детектив кој поседува многу битни информации кои му ги презентира на Рејмонд, со надеж дека богато ќе се офајди.

Не можам да одам понатаму без длабоко да влезам во спојлер територија, само ќе кажам дека приказната одлично се развива од почеток до крај. Гај Ричи не те остава да здивнеш цел филм. Секој дијалог може нешто да ти открие, во секоја сцена можеш да бидеш изненаден. До самиот крај не си на раат.

А што да кажам за глумата, таква актерска екипа не може да утне. Меконахи, Ханам, Колин Фарел блескаат. Едвај го препознав и Хју Грант, кој можеби не сум го видел во подобро издание – си знаеш дека обично се појавува во романтични драми/комедии со шаблон ликови. Овде е гигант. И Меконахи и Фарел не сум ги видел веќе подолго време така добро да одиграат. Ричи го вади максимумот од секој од нив.

Предобар и презабавен филм. Ваквите на Ричи би ги гледал нон-стоп. Се надевам дека ќе остане на овој терен и наредните филмови.

Претходна статијаЕлектронска пријава за состојба на водомер за физички и правни лица
Следна статијаПознатата апликација за навигација HERE WeGo официјално достапна преку AppGallery на Huawei телефоните