Одамна не сум гледал така лош филм како The Invisible Man. Од оние филмови е што те тераат да угасиш на пола филм, а таков не се сеќавам кога последен пат сум гледал. Иако ми го предизвикуваше нагонот за да стиснам стоп, сакав да го догледам, за да видам како ќе заврши. Не ме разочара во тој поглед. Глупости од почеток до крај, до последната сцена.

The Invisible Man е приказна за една девојка (Сесилија) што живее со маж (Адриан) што наводно ја злоупотребува, физички и психички. Адриан е милијардер, и е очигледно некаков генијалец во полето на…оптика. Уште од првата сцена добиваме впечаток дека Сесилија е длабоко трауматизирана од животот со Адриан, и одлучува да избега од неговиот дом среде ноќ. Иако го има издрогирано со Диазепам, Адриан некако се буди од својата издрогирана дремка и дури ја стасува Сесилија која влегува во колата на нејзината сестра, чиј прозор Адриан го крши со својата тупаница (ете како знаеме дека е були).

Првиот пола саат од филмот има доста хорор елементи, дури и на моменти ми изгледаше дека ќе испадне добар филм. Ништо од тоа. Во еден момент се претвора во лоша научна фантастика што е предвидлива и досадна. Накратко, ова е приказната: откако Сесилија ќе избега од неговиот живот, Адриан го сценира своето самоубиство, облекува оддело со кое станува невидлив (со технологија што е негов изум) и почнува да ја замара Сесилија како одмазда. После цел филм тормозење и убиства, на крај испаѓа дека костимот всушност го носел братот на Адриан. Тој го киднапирал Адриан, и го заврзал во напуштена просторија. Според Адриан, брат му е манипулативен серко и контрол фрик. Сепак, Сесилија не верува во овој филм и смета дека целото ова е масло токму на Адриан.

Елизабет Мос е одлична скоро во секој филм во кој се појавува. Овде е ОК и вади максимум од улогата. Мос и неколкуте сцени кои дигаат тензија (не знаеш дали таа е сама во соба во ниту еден момент) се единствените светли точки. Ниту еден лик (вклучително и нејзиниот) не е добро разработен и не се познати ничии мотивации. Појма немаш што сакаат ниту тие, ниту режисерот. Во еден момент Адриан сака да ја натера Сесилија да се врати кај него, и заедно да го одгледуваат нивното неродено бебе. Но, никогаш нема да дознаеш зошто сака да чува дете, и зошто ги прави сите глупави работи што ги прави во филмот.

Има една сцена во ресторан, каде што Адриан (или брат му) убива еден битен лик. Сесилија е обвинета за тоа убиство. Но, доколку има камери, а логично е да има повеќе, тогаш приказната завршува тука. Исто така, сите ја гледаат Сесилија како налудничава поради тоа што верува дека Адриан е невидлив и ја прогонува. Но, после „самоубиството“ на милијардерот, веројатно е дека полицијата ќе ја прочешла цела негова куќа и ќе ја пронајде оваа технологија што може да го направи човекот невидлив. Ја има оставено зад една стаклена врата, низ која Сесилија нема никаков проблем да помине.

Ете толку за The Invisible Man. Верувам дека ќе остане еден од најлошите филмови што ги имам гледано годинава.

Претходна статијаБидете секогаш онлајн – нова понуда од 20 GB за постпејд корисниците на А1 Македонија
Следна статијаVisa ја претставува ‘Visa Secure’ – нова програма за непречено плаќање и напреднато онлајн искуство