Добро знаеме какви ефекти имаат социјалните мрежи врз нашиот мозок. Намалено внимание и фокус, трошење на време и намалена продуктивност. Ова се само дел од негативните појави асоцирани со претерана употреба на Фејсбук и другите друштвени мрежи. Сепак, ако досега немаше никаков напор да се заузда ваквиот ефект, одеднаш Фејсбук е нападнат од сите страни.

Она што е иронично, е што ова се случува паралелно со нивното спознание дека можат да имаат лошо влијание кај тинејџери и адолесценти. Една од целите на Фејсбук за 2018 година е да стане помал, што е апсолутно спротивно на нивниот претходен начин на работа.

Оние што сакаат да го „избават“ човештвото од злото наречено Фејсбук се токму негови поранешни вработени. Неколкумина поранешни вработени во Фејсбук формираа Центар за хумани технологии (Center for Humane Technology) чија намена е да лобира и да го застапува движењето против зависност од технологија, особено паметни телефони.

Оваа иницијатива не е составена само од поранешни вработени во Фејсбук, туку и од Епл и други технолошки компании. Нивните први напори ќе бидат насочени кон едуцирање на програмерите кои работат во најголемите технолошки гиганти за здравствените ефекти кои ги има она што го градат, врз деца, средношколци, и општо врз помладата популација.

Ова доаѓа по претходната иницијатива на двајца инвеститори во Епл, кои прават напори да ја натераат оваа компанија да биде повнимателна во иднина кога станува збор за влијанието врз мозоците на децата (Фејсбук беше „прозван“ за ова и од Шон Паркер, неговиот поранешен претседател).

Од друга страна, Фејсбук е под напад и за руското влијание врз оваа социјална мрежа. Неодамна се огласи и Џим Кери, кој објави дека ги повлекува акциите кои што ги има во Фејсбук, и упати апел до останатите инвеститори да го сторат истото. Причината зад овој негов потег е разочарувањето што Фејсбук не сториле доволно за да ја спречат руската пропаганда во текот на претседателските избори во САД во 2016 година.

Значи, Фејсбук се наоѓа пред тешки времиња. Од една страна сакаат да ги задоволат корисниците, и да го намалат негативното влијание што го имаат врз човечкиот мозок. Од друга страна, сакаат да ги задоволат и оние кои веруваат дека Фејсбук е во заговор со Русија за да наштети на САД. Сето ова при обидите да останат профитабилни, што се коси со сето горенаведено.

Односно, намалувањето на бројот на корисници и намалување на употребата на Фејсбук од корисниците (како резултат на првата „борба“) и напорите да се намали рекламирањето на Фејсбук од страна на приватни компании (како резултат на втората „борба“) носи кон помал профит.

Со ова темпо, Фејсбук ќе изгледа сосема различно за неколку години. Времето ќе покаже дали ќе се смени кон подобро.

Претходна статијаVideoLAN наскоро ќе го претстави новиот VLC 3.0
Следна статијаMercedes и Bosch наскоро ќе тестираат автономни такси возила