Телефоните ги погледнуваме постојано (според некои информации, ги допираме екраните повеќе од 2500 пати на ден). Кога сме во автомобил на семафори (често и додека возиме), додека чекаме ред во банка, додека пешачиме, вежбаме, и пред да заспиеме. Сето ова ни го грицка вниманието и не прави помалку фокусирани и ни го отежнува заспивањето навечер.

Наутро, се будиме уморни и ненаспани, делумно поради тоа што телото не лачело доволно мелатонин како последица на тоа што сме зјапале во екран непосредно пред заспивање.

Тоа пак, води кон нарушено ментално и телесно здравје, помалку енергија и помалку продуктивност. Но, овие проблеми никогаш не ги асоцираме со нашата потреба/зависност од тоа да прочитаме уште еден напис, да прелистаме уште неколку слики на Инстаграм или да прочитаме уште еден статус на Фејсбук.

Во продолжение можете да најдете неколку совети кои ќе ви помогнат да го зауздате овој нагон и да преземете контрола врз вашето внимание.

Не го употребувај телефонот во кревет

Оставете го на маса некаде подалеку од дофат. Поентата е да не можете инстинктивно да посегнете по мобилниот за да пополните време. Постојат бројни истражувања за негативните последици кои ги има плавата светлина (која се емитува преку нашите екрани) врз нашето здравје.

Предизвикај се да не погледнуваш често во екранот

Можеби сте на прошетка со некој другар, на вечера со девојка/дечко или фамилијарен собир. Во секој случај, некогаш имаме нагон да го вклучиме телефонот и да скроламе низ социјалните мрежи итн.

Не само што е ова неучтиво и покажува дека не се грижите за тоа што ќе каже вашиот соговорник, туку влијае и на односите кои ги имате со вашите најблиски. Оттаму, поставете си правило воопшто да не го вклучувате телефонот (освен во итни ситуации) кога се наоѓате во друштво со друго човечко суштество.

Без проверување на пораки и нотификации наутро

Повеќето го знаеме чувството кога наутро се спремаме за на работа. Брзање, преспивање, притискање на snooze дузина пати. Сето ова придонесува кон повисоко ниво на стрес и лош почеток на денот.

Она што исто така не помага е што веднаш по станувањето имаме нагон да провериме што некој ни пишал или да ги прочитаме сите нови нотификации.

Наместо тоа, поразумно би било да го исклучиме интернетот на паметниот телефон пред да си легнеме. На тој начин, нема да не будат нотификации ниту пак би имале што да провериме.

А што би правеле наутро? Медитација, читање, пишување, прошетка надвор. Ова се само дел од навиките кои ќе не направат позадоволни и попродуктивни на почетокот од денот.

Постојат и апликации за тоа

Како дополнение на горните чекори, можете да инсталирате и апликации со кои ќе ги блокирате Фејсбук, Инстаграм или др. апликации кои ви одземаат многу време и внимание.

Можете да назначите точно колку часови секојдневно сакате да ги користите овие апликации. После истекот на назначеното време, нема да имате пристап до крајот на денот.

За Андроид, најдобрата ваква апликација е Stay Focused. За iOS (и MacOS), Freedom.

Претходна статијаVivo го претстави првиот смартфон во светот со сензор за отпечатоци под екранот
Следна статијаСтив Јеге: Google повеќе не е компанија која иновира