Пред извесно време се отвори дискусија дали политичари смеат да банираат луѓе на своите профили на друштвените мрежи. Во септември објавивме вест дека „Апелационен суд во САД одлучи дека Трамп не може да ги блокира своите следбеници на Твитер“.

Ако дозволите, тука ќе навлеземе малку повеќе во деталите од пресудата. Иако е правничка темата, и е од „општ“ интерес.

Тужбата беше поднесена од Knight First Amendment Institute од Универзитетот Колумбија, САД, а во име на неколку корисници на Твитер кои биле блокирани од Претседателот на САД, Доналд Трамп. Спорев нив, со блокирањето на корисниците Претседателот им ја ускратил слободата на изразување која е уставно загарантирана со првиот амандман. Поточно, „интерактивниот простор на профилот [на Трамп] е определен јавен форум и исклучувањето од истиот е форма на противуставна дискриминација“. Судот напоменал дека нивниот став не се однесува на ситуација кога некој е блокиран од приватен профил; ниту пак дали друштвените мрежи мораат да го почитуваат Првиот амандман кога ги модерираат нивните платформи.

Сепак, кога политичар ќе користи Твитер за официјални цели, согласно со Првиот амандман, не смее да блокира луѓе кои не се согласуваат со него. Едноставно, профилот е на официјален службеник на Државата кој ги претставува сите граѓани.

Интересна анализа на пресудата има правникот Стујарт Бенџамин, на популарниот The Volokh Conspiracy блог. Тој објаснува дека целата пресуда се базира околу прашањето дали Твитер профил е „designated public forum”. Тој објаснува дека кога се користи овој правен термин најчесто се мисли на јавен форум определен (designated) од владата/државните институции, а не од приватна компанија (како што е случајот со профилите на Твитер). Твитер е оној кој ги определува правилата на комуникација, а не Трамп. Доколку Трамп би имал можност да ги менува, можеби би ги сменил од самиот старт, и неговиот профил не би било „јавен форум“?!

На крајот од својата пресуда, Судот заклучува: „…сакаме да ја потсетиме јавноста и засегнатите страни дека ако воопшто нешто значи Првиот амандман [слободата на изразувањето] тоа е дека најдобро решение за говорот кој не ни се допаѓа, а е прашање од јавен интерес е секогаш повеќе слобода, а не помалку“. Но, како што може да се види од кусиот осврт погоре, зајакот ќе се крие во деталите кога во иднина ќе се носат одлуки кои ќе инволвираат нови технологии и човекови права.

Претходна статијаFluent Design ќе донесе поголема унифицираност на мобилните апликации на Microsoft
Следна статијаQualcomm ја претстави наредната генерација од нивниот ултразвучен сензор за отпечатоци под екранот
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.