Сензорите за отпечатоци под екранот конечно станаа достапни во поголем број на уреди од оваа година, иако ги имаше доста и лани. Може да се каже дека со вградувањето на ваков сензор од страна на Samsung оваа година, во нивните најдобри уреди, заедно со Huawei уште од лани, сензорот за отпечатоци се врати на предната страна од уредот, каде што и „припаѓа“.

Сепак, корисниците треба да направат разлика помеѓу двата вида не сензори кои работат под екранот. Едниот, кој почесто се користи, е оптички сензор, кој во основа врз основа на „слика“ од прстот, го отклучува екранот.

Вториот, тој кој го користи Samsung, е ултразвучен сензор кој не го отклучува уредот врз основа на обична слика, туку врз основа на 3D приказ на прстот направен со одбивањето на звукот од прстот кон сензорот.

Разликата е во тоа што ултразвучниот сензор е многу побезбеден и потежок за пробивање, но на сметка на тоа тој досега беше значително побавен од оптичкиот сензор, па за доста корисници и не вредеше подобрата безбедност.

Ултразвучни сензори во главно произведува Qualcomm, па тие ја најавија и новата генерација од сензорот, наречен 3D Sonic Max, а истиот ќе го видиме во уредите од идната година, а најверојатно и на Galaxy S11.

3D Sonic Max донесува подобрување во брзината на препознавање на прстот, нешто што треба да го реши главниот проблеми со овој сензор, но уште поважно ја зголемува површина од која може да се направи препознавањето.

Тоа значи дека корисниците со овој сензор не само што ќе чекаат помалку време за отклучување на телефонот, тие прстот ќе можат да го постават било каде на екранот, односно каде што им стига прстот.

3D Sonic Max има за 17 пати поголема површина на препознавање, што значи дека веќе местото каде што ќе треба да се постави прстот, нема да биде фактор.

Новиот сензор исто така овозможува отклучување со користење на два прста одеднаш, со што значително се подобрува безбедноста на уредот. Овој начин на отклучување на уредот ќе биде нешто понезгоден, но затоа ќе овозможи доста поголема сигурност дека никој нема да може да го отклучи уредот.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.