Bitcoin е меур, односно има вештачки надуена вредност која не е оправдана во однос на фундаментите на системот. Овие критики започнаа веднаш кога вредноста на 1биткоин (btc) почна да се мрда од нулата. Паметам уште кога прв пат почнавме да пишуваме за крипто во 2015г. вредноста на 1btc = ~300-400$. Многумина се плашеа да инвестираат мислејќи дека цената е предмет на вештачки шпекулации – и превисока. Денеска вредноста е ~9,000$ и според голем број експерти во областа фундаментите на Bitcoin се силни и од 2015 до денес има огромен развој од секој аспект. Можеби вредноста на bitcoin е преценета и ќе се стабилизира на некоја пониска точка, но фактот е дека станува збор за вистинска иновација и систем кој и те како има инхерентна вредност. И патем, фактот дека вредноста ја пронаоѓа самиот пазар во зависност од конкретната вредност која ја обезбедува во конкретниот временски период наместо да биде вештачки определена од централни планери е всушност предност а не маана?!

Bitcoin е пирамидална шема. Ова е една од најнеоснованите критики. Понзи/пирамидална шема е измама во која инвеститорите се лажат со големи приноси кои всушност потекнуваат од парите на наредните инвеститори наместо од оплодување на средствата преку успешно инвестирање. Ова е сосема различно од системот на Bitcoin кој претставува монетарен систем со сопствена валута. Она што го прават оние кои инвестираат во Bitcoin е разменуваат валута во која не веруваат дека повеќе ќе добива на вредност за друга валута (btc) која веруваат дека во иднина ќе биде повредна и користена. Дополнително, фората со пирамидални шеми е што не е најјасно чиви се средствата и од кои средства потекнува заработката за х инвеститори. Едноставно се префрла од едно купче во друго, се е измешано. Во Bitcoin пак постои строг режим на сопственички права и се знае точно за секој satoshi (најниската единица на btc) кој го поседува/троши. Јавниот регистар (blockchain) не може да се фалшира, immutable е.

Последната критика во контекст на муабетот дека Bitcoin е измама а која денеска на кусо ќе ја допреме е: Bitcoin се користи претежно за криминални активности. Ова не е баш критика – или е, ама слаба. Секоја валута се користи и за криминални активности, особено кешот. Дополнително, што е а што не е криминална активност варира од култура до култура – и од временски период до временски период. Она што денес е нелегално, утре е легално. Сепак, побитно, трансакциите во Bitcoin се транспарентни и грото од нив се вршат преку овластени берзи, кои пак подлежат на Know Your Customer регулативи – берзите ве знаат а вашите трансакции се јавни. Со други зборови, Bitcoin ниту е измислен за ниту пак претежно се користи за криминални активности.

Заклучок: Bitcoin не е „измама“ туку е една од најголемите ongoing иновации во модерната финансиска историја. Ништо повеќе, ништо помалку. Нормално, ова не значи дека не постојат реални маани и ризици – но тоа за некој друг текст.

Претходна статијаWindows Phone дефинитивно нема да биде развиван – Microsoft почна да откажува свои апликации за оваа платформа
Следна статијаGoogle го претстави новиот Gmail за веб – доаѓа со нов дизајн и неколку нови и корисни функции