Пред скоро две недели дознавме дека Google работи на „конечно“ средување на веќе одамна непроменетиот Gmail за веб, средување кое вклучува освежување на изгледот, но и нови функции за овој масовно користен сервис.

Gmail за мобилните веќе одамна доби подобрен изглед, а Google ја претстави и посебната апликација Inbox која донесе и дополнителни функции за корисниците.

Како што беше најавено, новиот Gmail на веб ќе биде еден вид на комбинација на досегашните можности на сервисот, со тие достапни во Inbox.

Изгледот на главната страна исто така е освежен, па сега може слободно да се каже дека е во тек со останатите верзии. Исто така, како што беше најавено, Gmail вклучува и едноставна интеграција на Google Calendar, Tasks и Google Keep. Овие сервиси се достапни на десната страна од сервисот и се лесно достапни за користење паралелно со имејл пораките.

Gmail за веб донесува и нови функции кои значително ќе го подобрат сервисот, а и повторно ќе го вратат како сериозна конкуренција по повеќето подобрувања направени на Outlook.com од страна на Microsoft.

Gmail за веб ја поедноставува работата со пораките со ставање на најчесто користените работи на лесен дофат за брзо користење. Главната промена која може да се забележи, а е преземена од Inbox, е достапноста на прикачените фајлови во пораките веднаш под насловот на пораката. Тоа значи дека истите може да се видат и отворат без потреба од отворање на пораката.

Друга новина која е исто така корисна е snooze опцијата за пораките, односно нивно да речеме паузирање и одложување. Со оваа опција се добива можноста да пораките на кои сакаме да одговориме подоцна, а сега немаме време, да не ги заборавиме со тоа што ќе го избереме времето кога за нив повторно ќе добиеме известување.

Доверлив режим е исто така една од новите функции која е наменета да ја подобри приватноста на корисниците при испраќање на одредени пораки. Она што го овозможува доверливиот режим е исклучување на можноста пратената порака да биде препратена, ископирана, зачувана и слично.

Исто така, со овој режим се овозможува и избирање на времетраење на пораката по што истата ќе биде избришана и веќе нема да може да се види.

За да може ова Google да го овозможи, пораките ги испраќа во овој случај како посебен линк кој води до соодветната порака на нивните сервери. Доколку и примачот е на Gmail, прегледувањето ќе се одвива на самиот сервис, меѓутоа доколку примачот не е на Gmail, ќе мора да го отвори посебниот линк.

Сите нови воведени работи на Gmail можете да ги погледнете на следниот линк.

ИЗВОР 2Google
Претходна статијаДали Bitcoin е измама?
Следна статијаWindows Lean – уште една „ослабната“ верзија од оперативниот систем
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.