Нино Карас, Мартин Анчевски

Пред точно седум години се случи македонската стартап приказна CodeWell. За тие што не се упатени, тие беа меѓу првите фирми во Македонија кои развиваа свои продукти. Денес, седум години подоцна, тие се поискусни, позрели и спремни за нови победи. По тој повод, ги распрашавме за нивните досегашни искуства. Што можат стартап ентузијастите да научат од нив? Што е клучно за успех? Нино Карас, еден од коосновачите ја сподели нивната приказна со нас 🙌

1. Од outsource компанија до компанија што развива свои продукти. Каков е патот на CodeWell низ годините?

Патот на CodeWell низ годините е полн со измени и успеси. Како што кажа, ние сме компанија која развива свои продукти и всушност тоа беше главната цел уште од почетокот. Јас и Мартин ја основавме CodeWell во 2011 година и со многу труд и мотивација успеавме да ја доведеме до препознатливиот бренд што го претставува денес.

Нашиот развој започна од Автобуско, апликација која даваше информации за сообраќајот на градски автобуси во Скопје, која го привлече вниманието на луѓето и подоцна беше откупена од страна на T-Mobile. Понатаму, ние основавме и две успешни стартап компании кои засебно ни донесоа многу позитивни искуства и важни лекции по кои се водиме и ден денес. Првата стратап компанија е MarkO со која освоивме многу награди, меѓу кои и наградата Community Award на Pioneers Festival. Втората стартап компанија е препознатливата Letz која достигна најзначителен успех, освојувајќи ја меѓу другите и најпрестижната награда Product of the Year на Product Hunt. Со Letz, бевме првите на Балканот кои успеаа да подигнат Venture Capital и да го најдат својот пат кон САД. Кога ќе видиме што се’ сме постигнале, добиваме наплив на енергија и мотивација секогаш да се стремиме кон повеќе и да работиме на нови продукти.

2. Во МК ретко која компанија работи на свој производ. На што се должи тоа?

Тоа се должи на константната иновативност и желба за нови и поголеми успеси која ја поседуваме. Знаеме дека луѓето можат се’ да направат кога го сакаат тоа и воедно се трудат околу истото. Чувството кога знаеш дека си создал нешто свое поттикнат од своите познавања и љубов кон ИТ технологиите е незаменливо. Исто така се потребни и доста ресурси и напорна работа за создавање на свој производ кои понатаму се исплаќаат повеќекратно со резултатите од таа работа.

CodeWell

3. Кои се клучните вештини кои треба да ги поседува еден кандидат за да стане дел од вашиот тим?

Првично, тоа се личните карактеристики на една персона кои ги цениме најмногу при избор на кандидати кои би се вклучиле во нашиот тим. Незаменливо е чувството кога гледаш дека луѓето околу тебе се трудат исто колку и ти и се вложуваат за успехот на компанијата на ист начин. Секако тука доаѓаат и неопходните знаења и познавања од технологиите со кои работиме, за кои нудиме и соодветен тренинг за усовршување на истите.

4. Интернетот овозможи многу можности за поврзување, а почнувањето на стартап не било никогаш полесно. Дали МК некогаш ќе има капацитет да го продуцира стартап unicorn?

Кога почнувавме пред 7 години во Македонија речиси и да немаше никаков стартап екосистем, па CodeWell беше меѓу ретките, ако не и единствен пример на прилозите за на ТВ кога се збореше за стартап компанија.  Седум години подоцна ситуацијата е веќе поразлична. Веќе имаме неколку интернационали стартапи кои се од МК, стартапи кои посетувале акселераторски програми надвор од државава, стартапи кои успеале да обезбедат инвестиција (а неколку од нив и exit),  како и неколку локални стартапи кои функционираат супер.

Од друга страна почнуваат да се воспоставуваат и иницијалните елементи на екосистемот за поддршка на стартапите, од инвестициски тела до организации кои им помагаат на стартапите на еден или друг начин. Имајќи го сето тоа во предвид се’ уште мислам дека екосистемот ни е во многу рана фаза, но сметам дека во догледно време од 3-4 години ќе бидеме сведоци на првиот македонски стартап unicorn.

5. На што работите моментално?

Овој месец е Месец на CodeWell, така што подготвуваме многу интересни работи меѓу кои и ребрендирање на компанијата, нова веб страна која е веќе лансирана и можете да ја посетите на линкот: https://codewell.is/ и други новитети со кои ќе бидете запознаени во овој роденденски месец.

CodeWell ideas

6. Кои се вашите планови за во иднина?

Со оглед на нашиот иновативен и претприемнички дух, во иднина планираме развој на нови и успешни продукти и почеток на нови возбудливи проекти и можни соработки.

7. Што имате да им порачате на студентите и читателите на Смартпортал?

На студентите и читателите би сакал да им порачам дека не постои нешто на светот кое може да ве спречи да лансирате ваша компанија, продукт, бренд или што и да е тоа што вам ви е најголема желба кога го имате нивото на одлучност што е потребно. Поради тоа, CodeWell денес е успешна ИТ компанија, иноватор од светски ранг и ќе продолжи да расте од ден на ден, со помош од најдобриот тим кои стои позади сето тоа.

Оставете коментар