flash

Flash платформата кога беше претставена на времето, донесе нови можности за развивачите на веб содржина. Сепак, со текот на годините, а и поради големата популарност, Flash стана дефиниција за несигурен додаток во прелистувачите.

Не ретко можевме да прочитаме, а посебно во изминатиот период, за откриени разни безбедносни пропусти во Flash. На кратко додатокот дури беше блокиран од страна на Firefox до издавањето на понова верзија со закрпи за пропустите.

Со развојот на другите технологии, а најмногу на HTML5, стана јасно дека деновите на Flash се одбројани. HTML5 веќе одреден период е развиен доволно за да развивачите можат слободно да се префрлат на овој стандард и постепено да престанат со користење на Flash.

Чекор поблиску до крајот на Flash не носи и најновата промена во Google Chrome која што почна да важи од 1-ви септември, односно од вчера. Опцијата за прикажување само на важните содржини преку додатоци, која што е присутна во прелистувачот веќе одреден период, ќе стане стандардно вклучена и со тоа одредена содржина ќе биде паузирана.

Тоа значи дека одредени реклами кои што се во Flash ќе бидат паузирани, а корисниците ќе можат рачно да ги вклучат со притискање на секоја посебно, доколку сепак би сакале да ги видат. Google на корисниците на AdWords веќе одреден период им нуди можност за автоматско конвертирање на Flash рекламите во HTML5. Тие кои што не може да бидат конвертирани се препорачува да бидат направени во HTML5 или некоја друга технологија од самиот почеток.

Од Google овој потег се објаснува со зголемување на перформансите на прелистувачот кој што веќе е критикуван за користење на повеќе ресурси од компјутерот. На овој начин покрај перформансите на самиот прелистувач, ќе се подобри и отворањето на веб страните, а со тоа и генералното корисничко искуство.

Доколку сте корисник на Google Chrome и не би сакале да ви биде блокирана одредена Flash содржина автоматски, истото можете да го промените преку Settings > Show advanced settings > Content Settings > Plugins.

Извор: Mashable, TNW

Претходна статијаNextbit Robin е првиот телефон кој нема да можете да го наполните со податоци
Следна статијаHAIKU – Едноставен паметен асистент за велосипеди
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.