mobile_and_desktop

Microsoft дефинитивно привлече многу други развивачи на софтвер со Continuum – можноста во Windows 10 Mobile со која телефонот може да се користи како десктоп компјутер кога ќе се приклучи на поголем монитор. После решението на Ubuntu наречено Convergence (достапно во таблет), сега има и нов играч – Maru OS комбинира Android со Debian Linux дистрибуција.

Идејата не е баш иста како кај Windows 10 и Ubuntu – тука во телефонот има два оперативни системи. Имено, телефонот функционира со стандарден Android Lollipop 5.1, додека Debian Linux дистрибуцијата се активира само кога телефонот ќе се приклучи на поголем монитор и тоа за околу 5 секунди, што е прилично брзо.

maru_os2-1024x427

Ова решение секако има свои предности – можете да го користите Android во телефонот додека работите на Linux на поголемиот дисплеј, но секако и неколку недостатоци. На пример, тука подесувањата нема да ви бидат синхронизирани, а ниту нотификациите, апликациите итн. Сепак се работи за два различни оперативни системи.

Најголема предност на Maru OS е веројатно тоа што ќе може да се инсталира на повеќето Android уреди – ќе може веројатно и на вашиот смартфон. Сепак, за да може да користите Linux дистрибуција и да имате солидни перформанси, макар била и некој лесен “Distro” пакет, ќе ви треба помоќен смартфон.

Како и да е, ова е само уште еден доказ дека во наредниве неколку години ќе има се повеќе и повеќе смартфони кои ќе можат да се користат како „компјутери“, односно ќе им се прошируваат можностите со приклучување на поголем дисплеј. Вистински компјутер во нашиот џеб.

Извор: The Hacker News, Android Community, Maru OS

Претходна статијаСмартпортал неделник 1 – 7 февруари 2016
Следна статијаНови фотографии од Lumia 650 и веројатно Lumia 650 XL?