LG-G5-Always-On-display-840x472

Не дека ова не сме го виделе досега – веќе неколку производители имаат телефони кои можат да прикажуваат информации цело време на дисплејот, што е корисно кога тој стои на маса и сакате набрзина да видите што има ново, но тоа се обично уреди со AMOLED дисплеј. Новиот знаменосец на LG ќе има обичен IPS LCD дисплеј, кој исто така ќе може непрекинато да прикажува информации, што веднаш го поставува прашањето – колку ќе трае батеријата?

Проблемот со IPS LCD дисплеите е што екранот мора да ги „запали“ сите пиксели за да може да прикаже информации, макар тоа да биде само и времето и некои ситни нотификации. AMOLED дисплеите од друга страна ги „палат“ само пикселите кои прикажуваат информации – црните пиксели воопшто не користат енергија.

Сепак, LG веројатно има адут во ракавот, а технологијата веќе ја има во V10, телефонот со дополнителен мал дисплеј во горниот дел. Имено, оваа технологија овозможува едниот дисплеј да работи, додека другиот да биде изгасен иако тие се поврзани, односно нема видлива граница меѓу нив, нешто што би можело да се употреби и во новиот G5. Секако, тука технологијата ќе делува уште поимпресивно – LG веројатно ќе вгради дисплеј во дисплеј, односно уредот ќе користи само дел од дисплејот за да прикаже информации.

Од она што можеме да го видиме на фотографијата, информациите ќе бидат стандардни, односно слични на она што го нуди и конкуренцијата – ќе се прикажува времето, датумот и најважните нотификации, како оние за повиците, пораките и електронската пошта, но стегаме палци LG да вгради уште неколку функции и можности за персонализирање. Оваа функција засега го носи името “Always On”, но тоа веројатно ќе се смени, бидејќи и Samsung веќе го има заштитено називот “Always On Display” за нивниот знаменосец Galaxy S7.

Извор: Engadget, The Verge, Android Authority

Претходна статијаTwitter воведува алгоритам, ќе може да биде исклучен
Следна статијаПретставени првите „паметни фластери“ кои ќе помагаат во медицинските истражувања