project-tango

HoloLens „очилата“ на Microsoft беа првиот уред кој ни ја долови изменетата реалност, односно можноста за проектирање на холограми во просторот кој не опкружува. Сега, истото ќе може да се направи и со нов модел на паметен телефон на Lenovo, кој има вграден Project Tango хардвер на Google, кој овозможува вчитување на 3D околината и потоа, преку специјални апликации, користење на просторот за ставање на виртуелни елементи во него.

Project Tango инаку користи неколку сензори за да може на софтверот да му посочи како е поставен телефонот, како и специјални 3D камери, кои ќе овозможат целосна визија за околината, заедно со податоци за длабочината. Сликата може да се проектира на дисплејот на телефонот и на неа, да се ставаат виртуелни предмети во 3D просторот. За да може сите сензори и камери заедно да функционираат, Google има развиено специјален софтвер, кој овозможува искуство на изменета реалност.

Секако, за да корисниците можат целосно да го искористат Project Tango, треба да има специјално развиени апликации. Во моментов, веќе има неколку на број на Google Play Store и сето тоа благодарение на уредите кои им беа дадени на дивелоперите додека се развиваше системот.

Но, многумина од Вас сигурно се прашуваат која е придобивката од ова? Прво, ова ќе овозможи целосно ново искуство на играње игри – замислете да играте стратегија и да ги градите тврдините во вашата соба. Или пак да скокате со херојот во неа. Project Tango веќе беше прикажан и како демо на едно видео, каде се користи за да прикаже целосен автомобил во просторот во реално време, до два други автомобили.

За самиот телефон на Lenovo, кој треба да се појави на пазарот на лето оваа година, нема многу информации освен тоа дека ќе има Snapdragon 810 процесор, кој до тогаш веќе ќе биде застарен. Сепак, никој нема да го купи овој телефон за процесорот – тука главна е можноста за изменета реалност. И секако, треба да се очекува и премиум цена – сепак се работи за висока технологија.

Извор: Mashable, Gizmodo, The Verge

Претходна статијаRuggie – Аларм во форма на черга нема да престане додека не стапнете на неа
Следна статијаXiaomi Redmi 3 има метално тело, високи перформанси и масивна батерија за само 107 долари!