HTC One E9+ (1)

Што ќе се случи доколку алуминиумското тело на One M9 го замените со пластика, го зголемите екранот и ја намалите цената? Се добива Е9+ – паметен таблет/телефон од средно високата класа, кој ќе ги нуди перформансите на познатиот брат, но по пониска цена и без луксузната изработка од алуминиум, која е главниот продажен адут на One M9.

Она што збунува во целото претставување на новиот паметен телефон на HTC се спецификациите. Имено, на официјалниот сајт за Е9+, во горниот дел е наведен дисплеј од 5,5 инчи со Full HD резолуција од 1920х1080 пиксели, додека подолу е наведен Quad HD екран со резолуција од 2560х1440 пиксели. Доколку вториот податок е точен, тоа би значело дека E9+ ќе има екран со поголема густина (534 пиксели по инч) од тој на One M9, што е малку нелогично.

Исто така, камерата погоре е наведена како 20 мегапиксели, додека подолу како 13 мегапиксели, додека предната камера е со сигурност Ultrapixel со 4 мегапиксели. Реално, можно е да бидат понудени две верзии на телефонот, со различни цени, а со цел задоволување на поширок дијапазон на купувачи на кинескиот пазар, каде првично ќе се нуди телефонот.

HTC One E9+ (2)

Она што е сигурно е дека One E9+ има 64 битен процесор на кинескиот производител Mediatek, со осум јадра и брзина од 2 GHz, помогнат од 2 GB рам меморија. Вграден е и 16 GB простор за складирање податоци, додека има и слот за micro SD мемориска картичка со капацитет до 128 GB. Батеријата има капацитет од 2800 mAh, што е за неколку стотини помалку од главните конкуренти во „телефон – таблет“ сегментот, но придонесува за тенко куќиште од само 7.49 mm. И секако, во предниот дел ги има карактеристичните Boom Sound стерео звучници на HTC, кои веќе се покажаа како најдобри во бизнисот, особено за оние кои сакаат да слушаат музика и гледаат видеа на својот телефон.

Иако со големината на екранот, но и спецификациите, One E9+ ќе биде одличен додаток во сиромашната понуда на поголеми телефони на HTC, засега моделот ќе се нуди само на кинескиот пазар и уште со сигурност не можеме да потврдиме дали ќе пристигне и кај нас.

Извор: Engadget, TechRadar

Претходна статијаProdoTech Titanio 29er – ултралесен електричен велосипед
Следна статијаПротечен задниот поклопец од iPhone 6C?