HTC One M9_Gold_3V-970-80

Да, ова што го гледате на фотографиите е новиот HTC One, со кодната ознака M9. Однадвор, промените се минимални и можат да ги забележат само најупатените, што и не е лоша работа, бидејќи смартфонот на HTC и така беше еден од најдопадливите, но онаму каде недостасува напредок се токму спецификациите.

Иако се чини дека изборот на Full HD дисплеј со резолуција од 1920х1080 пиксели е оправдан, бидејќи ретко кој може да ја забележи разликата во острината во однос на дисплеј со Quad HD резолуција, сепак останува чувството дека конкуренцијата во овој дел е веќе чекор понапред од новиот One, што може да биде одлучувачко при купувањето.

HTC One M9 review (10)-650-80

Покрај тоа, и големината на дисплејот остана иста со 5 инчи дијагонала, а остана и големата рамка околу екранот во долниот дел, иако според бројките М9 е помал во сите димензии, освен во дебелината, од М8. Останаа и Boom Sound стерео звучниците од друга страна, кои правеа и се чини се уште ќе прават вистинска разлика во однос на моно звучниците на конкуренцијата.

Најголема промена во дизајнот е страничниот дел, кој е сега малку поостро изведен и овозможува многу подобро ракување со телефонот, односно го намалува лизгањето. Сега и копчето за отклучување/заклучување е сместено на десната страна, па нема потреба од голема гимнастика со раката за да се заклучи телефонот.

Под металната шасија, HTC One M9 доаѓа со најновиот процесор на Qualcomm, Snapdragon 810, кој иако на бенчмарковите е еден од најдобрите, во првиот мобилен каде се вгради, LG G Flex 2, не овозможува перформанси на нивото на кое се бара од еден скап телефон од највисоката класа. Но, за финален заклучок сепак ќе почекаме да го испитаме во новиот One. Графиката е најновата Adreno 430, а смартфонот е опремен и со 3 GB рам меморија. Стандардно се вградува и 32 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување со micro SD картичка до 128 GB.

HTC One M9 review (31)-650-80

Најголеми промени има во делот кај камерите. Сега, Ultra Pixel камерата со 4 мегапиксели е вградена во предниот дел, додека позади се вградува нов сензор со 20.7 мегапиксели со Dual LED осветлување за поприродни бои кога се слика со блиц. Камерата ќе може да снима и 4K видео со можност за симултано фотографирање, како и HDR мод. Батеријата има зафатнина од 2840 mAh и треба да овозможи голем век на траење со едно полнење, особено поради тоа што дисплејот има помала резолуција од главните конкуренти и црпи помалку енергија.

Освежен е и скинот HTC Sense 7 вграден врз Android Lollipop, кој го носи истиот дизајн како претходникот, но има ситни подобрувања, како можноста да се вградат повеќе софтверски копчиња во долниот дел, освен стандардните три за Android, нов виџет за почетниот екран, како и нови целосни теми за оперативниот систем и можност за целосна кастомизација на ситните детали.

HTC One M9 review (30)-650-80

Сето ова што претходно го кажавме не делува како многу голем напредок во однос на претходникот и навистина, се чини нема некоја поголема потреба сегашните корисници на One M8, да го променат за новиот модел. Сепак, врвната надворешна изработка, која повеќе потсетува на луксузен швајцарски часовник, отколку на еден паметен телефон и натаму го ставаат One M9 на едно посебно место во сегментот, особено за купувачите кои повеќе го ценат надворешниот изглед и целосниот квалитет на уредот. А фактот дека новиот модел е рачно склопуван, само дополнително го засилува чувството на врвен луксуз, кој може да го долови ретко кој друг паметен телефон.

Извор: GSM Arena, The Verge, TechRadar

Претходна статијаСпоред 68% од граѓаните во Македонија мрежата на Т-Мобиле е најдобра
Следна статијаСо набљудување на процесот на замрзнување на легури во вселената до подобри метали