1338

Nexus линијата на паметни телефони на Google има за задача да ги покаже можностите на секоја нова и чиста верзија на Android оперативниот систем. Сепак, досега нив ги дизајнираа и произведуваа, со делумна помош на Google, останатите производители на Android паметни телефони.

Ова треба да се промени наскоро – Google планира построга контрола на развојот и дизајнот на новите Nexus уреди, односно на другите производители веројатно ќе им го препушти само производството.

Софтверскиот гигант ова ќе го направи веројатно со цел да може да му конкурира директно на Apple на пазарот, бидејќи иако успешни, Nexus телефоните не можат да се мерат со успехот на Samsung Galaxy телефоните или пак на кинеските производители. Исто така, дизајнот на подобри и пред се попрепознатливи Nexus уреди, ќе овозможи и поголем успех на Android како бренд, наспроти iOS на Apple.

Google веќе има уреди во својот арсенал кои ги развива целосно под свој покрив и го препушта само производството на други – Pixel лаптопите со Chrome OS и новиот Pixel C таблет со Android се дело само на софтверскиот гигант.

Колку оваа стратегија на Google пак ќе наиде на одобрување кај другите производители на Android паметни телефони, останува да се види, но најавите се дека тие нема да бидат особено среќни.

Неодамна, Microsoft буквално ги избрка другите производители од Windows Phone сцената, бидејќи главно внимание се обрнуваше на развојот на Lumia уредите и останатите немаше реално што да бараат во тој сегмент. Ова на крај е веројатно и главната причина зошто пропадна нивниот еко систем.

Секако, Android има многу поголема база на корисници од Windows Phone, но како и да е, Android производителите веќе имаат доволно мака со супер успешниот iPhone и дополнителна конкуренција од Google може само да ги влоши нивните бројки за продажба на пазарот. Исто така, информациите велат дека Google го зема најголемиот дел од профитот од Nexus телефоните, што ги прави останатите производители уште понесреќни.

Новите Nexus телефони кои треба да излезат оваа година инаку веројатно ќе бидат произведени од HTC, но уште за нив има најави дека тајванскиот производител не е премногу среќен од претераното мешање на Google во развојот.

Извор: PCWorld, ARSTechnica, Engadget

Претходна статијаОфицијално: Samsung ќе ги претстави новите Galaxy S7 на 21-ви февруари
Следна статијаНајголемиот дел од вашите Facebook пријатели всушност не ви се пријатели