the-next-galaxy

Ова веќе го најавувавме подолго време и сега е потврдено од Samsung – со најновите Galaxy S7 уреди ќе можеме официјално да се запознаеме на 21-ви февруари на „Mobile World Congress“ во Барселона, ден пред официјалното отворање на саемот. Воедно, на настанот треба да биде претставен и подобрен Gear VR, кој е всушност направа за гледање на виртуелно видео со телефоните на Samsung.

Настанот ќе биде под мотото “Get ready to rethink what a phone can do”, односно „Подгответе се да го смените начинот на кој размислувате за тоа што може да направи еден телефон“.

Од она што досега го знаеме, новите уреди нема да имаат претерано различен дизајн, односно ќе се водат според истите принципи – метална рамка со стакло напред и позади. Рамката сега ќе биде изработена од магнезиум наместо алуминиум, што треба да го направи телефонот поцврст, линиите ќе бидат малку позаоблени, додека во долниот дел ќе има поголемо “Home” копче.

Ќе бидат лансирани два уреди – обичниот Galaxy S7 со 5,1 инчен Super AMOLED дисплеј со резолуција од 2560х1440 пиксели и Galaxy S7 Edge изведбата со 5,5 инчен дисплеј кој ќе биде заоблен на двата странични краеви и кој исто така ќе има Super AMOLED дисплеј со резолуција од 2560х1440 пиксели.

Зависно од пазарот, ќе се нудат и два различни чипови – Северна Америка ќе го добие Snapdragon 820 на Qualcomm со четири јадра, додека останатиот дел од светот ќе го добие Exynos 8890 процесор на Samsung со осум јадра, но и двата модели ќе имаат 4 GB рам и 32/64 GB простор за складирање податоци со можност за проширување преку micro SD картичка – слот кој го нема во актуелните модели.

Помалиот телефон ќе има капацитет на батеријата од 3000 mAh, додека Edge изведбата ќе има батерија со капацитет од 3600 mAh – и во двата случаи повеќе отколку на актуелните модели. Камерата веројатно ќе има помалку мегапиксели, односно 12, но тоа не значи дека ќе вади полоши фотографии. Напротив, поголемите пиксели, заедно со супер брзата бленда на леќата од f1.7, треба да понудат најдобри фотографии од сите паметни телефони во моментов.

Во врска со Gear VR нема многу информации, но главните можности за виртуелна реалност секогаш се наоѓаат во самиот смартфон – затоа и треба да очекуваме Galaxy S7 уредите да бидат можеби и првите модели на пазарот кои ќе бидат оптимизирани за VR гледање, што е и делумно очекувано со оглед на новите чипови кои имаат прилично моќни графички перформанси и се специјално развивани во таа насока.

Настанот ќе биде пренесуван во живо, па сите заинтересирани ќе можат веднаш да го видат претставувањето.

Извор: PCMag, TechCrunch, Samsung

Претходна статијаMicrosoft ја купи познатата SwiftKey
Следна статијаGoogle презема целосна контрола над Nexus линијата?