Shutterstock.com

Facebook, како и другите онлајн сервиси кои продаваат простор за рекламирање на огласувачи сакаат да не следат, да ни ги знаат интересите и навиките, со цел креирање на подобар профил за нас, со што може да се сервираат подобри реклами.

Ова секако ни е познато на сите веќе одамна, а со неколкуте случаеви изминатите години, дознавме и дека не биле грешни предупредувањата дека овие информации нема да се користат само за рекламирање и дека потенцијалот за злоупотреба е голем.

Во контекст на ова, јасно е дека Facebook многу лесно следи кога и каде се споделуваат сликите прикачени на оваа мрежа, преку системот на мрежата, меѓутоа што е со сликите кои некој ќе ги симне, па потоа ќе ги објави повторно.

Според истражувач од Австралија, на секоја слика која е прикачена на Facebook, од мрежата додаваат посебен код којшто потоа може да ја следи таа слика. Тоа значи дека таа слика може да биде препознаена од страна на Facebook, дека била прикачена на нивната мрежа и на кој профил или страна.

Со тоа Facebook може дополнително да ги следи сликите, односно нивното споделување, иако тоа не било направено преку нивниот вграден систем за споделување.

Секако, ова повторно оди во правец на креирањето на целосен профил за корисниците, со што ќе можат да бидат ставени во соодветна категорија на која ќе и бидат прикажани реклами. Повторно, проблемот настанува кога овие информации ќе се искористат за политички манипулации и други слични „посериозни“ злоупотреби.

Методот што го користи Facebook не е нешто нов или посебен. Ваков код се става со цел да се следи одредена слика поради заштита од копирање, ако е со заштитени права и слично.

Оставете коментар