Фото: Facebook

Facebook повторно е во вестите поради лоша грижа за приватноста на своите корисници. Овој пат не се работи за давање на пристап до информациите од корисниците на други компании, односно овој пат се работи за внатрешен пропуст.

Според информациите од KrebsOnSecurity, а потоа потврдени преку објава од страна на Facebook, повеќе стотици милиони лозинки од корисниците биле чувани како обичен текст.

Иако уште нема официјални информации, се верува дека бројката изнесува од 200 до 600 милиони корисници, односно лозинки.

До овие лозинки имале пристап околу 20.000 вработени во компанијата, а поради тоа што биле чувани како обичен текст, тие можеле и да ги видат. Од Facebook нагласуваат дека немаат доказ дека некои од вработените го има злоупотребено ова.

Проблемот со ова е што лозинките кај сервисите обично се чуваат во шифрирана форма, со што се овозможува поврзување на лозинката со корисникот, меѓутоа без можност некој од вработените да ја види.

Од Facebook исто така истакнуваат дека пристап до овие лозинки немал никој од надвор од компанијата, меѓутоа кога ќе се земе во предвид бројката на вработени, не сме сигурни дали ова е некаква утеха.

„Проценуваме дека ќе известиме стотици милиони корисници на Facebook Lite, десетици милиони други Facebook корисници, како и десетици илјади корисници на Instagram.“ – истакнуваат од Facebook.

Од изјавата може да се заклучи дека најмногу се загрозени корисниците на Lite верзијата од Facebook, што е апликација за мобилните која е наменета за корисниците со послаби телефони и послаб пристап до интернет.

Корисниците кои се засегнати од овој пропуст ќе бидат известени, иако од Facebook истакнуваат дека не е потребна промена на лозинката, а пропустот е веќе исправен.