Digital Wellbeing е нешто што Google почна да го вклучува во Android од деветтата верзија од оперативниот систем. Во основа, се работи за низа на информации и функции кои треба да му овозможат на корисникот да не биде зависен од својот паметен телефон. Како што истакнуваат од Google, технологијата треба да го подобрува животот, а да го одвлекува вниманието од него.

Ваква функција е достапна и за корисници на iOS, од Apple, а во случајот на Android корисниците можат да видат, кратко кажано, статистика на тоа колку го користат нивниот телефон, колку пати го имаат отклучено, кои апликации ги користат и колку време и слично. Digital Wellbeing овозможува исто така да се исклучат известувањата, со што телефонот нема да му го привлекува вниманието на корисникот цело време.

Како дел од оваа, да ја наречеме иницијатива, Google претстави 6 нови апликации и секоја од нив треба на свој начин да им овозможи на корисниците да ја намалат својата зависност од нивниот паметен телефон.

Unlock Clock е позадина која прикажува бројка за тоа колку пати корисникот го има отклучено својот телефон во текот на денот. Оваа бројка би требало да го потсети корисникот да не претера со користење на својот мобилен.

Втората апликација е Post Box. Истата го спречува прикажувањето на известувањата, а корисникот бира колку често и во кое време би сакал тие да му бидат прикажани. Кога ќе му бидат прикажани, тие се организирани според апликацијата, во посебен кориснички интерфејс од апликацијата.

We Flip е апликација која е наменета да се користи во група, односно со пријателите. Кога сите ќе ја инсталираат апликацијата, се приклучуваат во групата, по што започнува таа сесија, како што ја нарекуваат од Google. Идејата е да никој не го чепка телефонот, а доколку некој од групата го отклучи телефонот, сесијата завршува.

Paper Phone е можеби најинтересна и нестандардна од сите апликации. Со цел корисникот да го остави својот телефон и да одмори малку од него, Paper Phone во посебен формат сличен на телефонот, прави принт од потребните информации на корисникот, како состаноци, мапи, контакти и слично. Со тоа корисникот ќе има пристап до овие информации, без да треба да го вклучува телефонот.

Desert Island е апликација која му овозможува на корисникот да помине цел ден само со апликациите кои ги смета за незаменливи. Тој бира неколку апликации од листата, по што само тие апликации ќе му бидат прикажани на екранот и достапни за користење.

 Morph е апликација која ги прикажува избраните апликации од страна на корисникот, според тоа каде се наоѓа тој или кој период од денот е. На пример, корисникот може да избере кои апликации да му се достапни на работа, а кои дома и слично.

ИЗВОРGoogle
Претходна статијаHuawei го најави Mate Xs за март идната година со посилниот Kirin 990 5G чипсет
Следна статијаGoogle објави значителен напредок во нивниот развој на квантен компјутер
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.