Google Maps е алатката без која не можеме да функционираме кога станува збор за тоа како да се стигне до одредено место, најбрзо што може. Минатата недела од компанијата објавија дека работат на нови функционалности кои ќе донесат уште поголеми бенефиции и вредност за корисниците. Поконкретно, Google Maps ќе стане уште повеќе асистивен и ќе ни помага да одлучиме што да јадеме, пиеме или генерално што да правиме, без оглед во кој дел од светот се наоѓаме. Епа, дечки, време беше!

Сите знаеме колку е мачен процесот на истражување на препораки за ресторани кои ги читаме на разноразни сајтови или колку време се губи кога зборуваме со пријателите што и како било преоѓајќи во бескрајни дискусии. Еве што изјави Sophia Lin, сениор продукт менаџер од Google Maps тимот:

“Пред година дена, кога почнавме да разговараме со корисниците, една од работите кои ги прашавме беше како навистина ние можеме да ви помогнеме? Што би сакале Google Maps да прави за вас? Еден од најчестите одговори беа барања за асистирање на корисниците да ја истражуваат областа. Оттука, ние почнавме да размислуваме што можеме да направиме за да им помогнеме да го добијат тоа.”

Google Maps

Редизајнираниот Explore таб ќе биде централно место за откривање на сѐ што е ново и интересно во близина. Практично, кога ќе проверувате одредена област на мапата, сега ќе бидете во можност да разгледувате можности за јадење, настани и активности базирани на областа од интерес. Пример, топ листите ќе ви прикажуваат каде да одите врз основа на препораките на локални експерти, алгоритмите на Google и доверливите апликации за оваа намена како The Infatuation.

Навистина се прашувам што ќе значи ова за апликациите како Yelp, Foursquare и слични на нив. Моето мислење е дека овој потег на Google е сосема очекуван и нормално е да напредуваат и најавуваат новости за нивните постоечки продукти. Тоа е вистинскиот начин за оперирање. Слушањето на корисниците, континуирана работа на продуктите, „пивотирање“ – сето тоа е клучно за доброто на една компанија.

Google Maps

Google ќе ги направи овие функционалности достапни за некој месец, во текот на летото. Промените ќе дојдат и на iOS и на Android, но засега немаат одлучено дали тоа ќе биде одеднаш. Засега, сите овие работи ќе бидат пристапни само на мобилните апликации, не и на веб верзијата.