Facebook оваа недела на нивната F8 конференција, покрај промените во Messenger, најавија и промени во нивната главна апликација.

Првата промена, која корисниците ќе ја добијат веднаш на мобилната апликација, е промената во изгледот. Горната и за Facebook карактеристична сина лента, ќе биде тргната и исто како во сегашниот дизајн на Messenger ќе биде ставен акцентот на белата боја и поедноставните елементи од интерфејсот.

На десктоп промените нема веднаш да бидат воведени, односно истите ќе бидат пуштени по неколку месеци. Сепак кога ќе се земе во предвид дека повеќето корисници ги користат своите мобилни телефони за своите онлајн активности, ова е очекувано.

Втората работа која ќе се забележи е во делумната промена на структурата на апликацијата. Сега таа ќе става поголем акцент на групите и настаните, кои ќе бидат поставени централно на горната лента.

Исто така, посебните делови за групите и настаните добиваат подобар дизајн и функционалност, па се гледа дека од компанијата сметаат дека ова е нешто кое ќе ја дефинира мрежата во иднина.

Групите се сметаат за повеќе приватни за разлика од стандардното функционирање на мрежата. Корисниците се насочуваат кон своите интереси, а од компанијата истакнуваат дека повеќе стотици милиони корисници се членови на некоја група.

Ова може слободно да се спореди со функционирањето на Google+ по прифаќањето дека нема да успее да конкурира на Facebook. Корисниците на таа мрежа покажаа дека сакаат да се групираат во сопствени „заедници“ според нивните интереси, а после долги години на предност на споделувањето на се и сешто, изгледа дојде времето ова да се пренесе и на Facebook.

Голем фактор во насочувањето на Facebook повеќе кон групите и настаните секако има огромната популарност која сега ја има Instagram. Корисниците сега повеќе споделуваат слики, а мрежата која се користи за тоа е секако Instagram. Со тоа се остава простор Facebook да добие нешто поразлична форма.

Промените во Facebook можете да ги погледнете на видеото во продолжение.

ИЗВОРFacebook
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаFacebook Messenger ќе биде целосно преработен до крајот на годината
Следна статијаGame of Thrones, С08, Е03: Долгата ноќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.