Facebook Messenger 4 беше големиот редизајн на оваа апликација кој беше пуштен минатата година. Оваа верзија од Messenger го врати акцентот на апликацијата на разговорите, а променет беше и корисничкиот интерфејс кој сега е поедноставен, а има и темна тема.

Сепак, овој редизајн е сепак ништо во споредба со промените кои Facebook ги најави оваа недела на нивната F8 конференција. Апликацијата, како и главната Facebook апликација, добиваат целосна преработка, што значи дека ќе се менува и кодот, односно основата на апликацијата.

Новиот Messenger 5 треба да стане достапен до крајот на годината, исто како што беше случајот и со промените од минатата година.

Промената, односно целосната преработка на кодот на Messenger значи дека може да се очекуваат неколку новини во суштината на работата на апликацијата. Новиот Messenger за мобилните телефони ќе биде „тежок“ само 30 мегабајти, што е за 3 пати помалку од големината на апликацијата сега.

Од Facebook исто така најавија дека апликацијата ќе се отвара многу побрзо и ќе работи подобро и помазно од сегашната.

Messenger исто така ќе почне да работи со шифрирање на пораките стандардно, како што е случајот со WhatsApp, односно оваа функција ќе биде вклучена за сите разговори. Целта на ова е да корисниците бидат сигурни дека никој нема да може да ги види нивните разговори, па дури ни Facebook.

Промените кои ги најавува Facebook ја имаат приватноста во преден план, а тоа е очекувано со оглед на угледот којшто го изгради компанијата изминатите години. На сцената за време на конференцијата шега на оваа сметка направи и Марк Закерберг.

Втора поголема најава е претставувањето на десктоп верзија од апликацијата за Windows 10 и macOS. Моментално десктоп корисниците, покрај Facebook страната, Messenger можат да го користат и преку messenger.com, а Windows 10 корисниците имаат и посебна апликацијата во Store.

Сепак, апликацијата во Store е iOS верзијата прилагодена за Windows, а и не се ажурира со сите новини, па претставувањето на специјално изработена апликација ќе овозможи корисниците да ги имаат сите функции и од својот компјутер.

Facebook Messenger исто така ќе добие и дополнителен редизајн на корисничкото искуство во апликацијата. Корисниците ќе добијат нова можност за интеракција со своите блиски пријатели преку посебен дел каде ќе можат да ги видат сите свои разговори, споделени слики и видеа и слично.

Посебно се истакнува можноста за заедничко гледање на видео содржина, нешто што сега е во одредена форма достапно на Facebook.

Во продолжение можете да ја погледнете презентацијата на Закерберг во која ги најавува промените во Messenger.