Во универзумот кој го создаде Џорџ РР Мартин (Песна за Лед и Оган), Долгата ноќ (The Long Night) бил период кој траел десетици години. Тоа е период кога Night Walkers сееле терор низ светот, кога кралеви замрзнувале во своите замоци, а мајките ги убивале своите деца од страв дека тие ќе умрат од ладното.

Долгата ноќ е и насловот на најновата, трета епизода од шоуто. Една од најисчекуваните досега, снимана речиси три месеци на температури под нулата и исклучиво во ноќни услови. Се укажуваше на тоа дека епизодата ќе биде епска и спектакуларна. Но, крајниот резултат е поделеност кај гледачите. Некои ја мразат, некои ја сакаат, повеќето не можат да се решат, бидејќи има работи што им се допаѓаат и работи што им се нелогични.

ДОБРОТО

Првите неколку сцени

Уште од самиот почеток, режисерот (кој ги режираше и Hardhome и Battle of the Bastards) ја крева тензијата до таван. Ги следиме сите ликови како се подготвуваат за борба, проследени со бас звуци кои наговестуваат дека следи неволја.

Моментот кога мечевите на Дотраки војската стануваат огнени е исто така многу силен момент. Како и моментот кога тргнуваат во напад на војската на мртвите додека нивните соборци фрлаат огнени топки од катапулт во позадината. Кога огнот од нивните мечеви полека се гаси, добиваме чувство на хорор и безнадежност. Сето тоа изгледа визуелно беспрекорно и е добар почеток на она што следи.

Нападот на зомбите

По неуспешниот јуриш, војската на мртвите го возвраќа ударот. Тие го напаѓаат Винтерфел како брз воз, уништувајќи се што се наоѓа пред нив. Сцена по сцена гледаме како обезглавуваат или многу лесно убиваат некој од армијата на Unsullied и другите борци (освен хероите, но за тоа подоцна).

Борбата со змејови

Борба со змејови два на еден. Блуење оган, летање среде бура, оваа борба имаше се што треба да има една борба со змејови. Моментот кога Даенерис и Џон се наоѓаат над облаците покрај одблесокот од месечината е еден од поубавите скриншотс од епизодата.

Image result for drogon

ЛОШОТО

Нападот на Дотраки

Нема да трошам многу зборови за воената тактика на „нашите“, но стварно беше нелогично и за обичниот гледач без никакво воено искуство да гледа како војската јуриша во темница да се бори против најзлобниот и немилосрден непријател. Едноставно личеше на самоубиствена мисија (што и всушност се покажа дека е).

Темнините

Не знам што им било поентата на оние што ја правеле епизодата, но мислам дека никој не ја изгледа епизодата во целост. Морав да зголемам брајтнес за да видам што се случува. Штета што е така, бидејќи епизодата изобилува со прекрасни сцени.

Хаосот во подземните гробници

Сите очекуваа ова да се случи, освен СИТЕ што беа во Винтерфел. Знаејќи дека Ноќниот Крал може да ги оживее мртвите, Тирион, Санса, Варис и останатите се упатуваат во гробниците мислејќи дека одат на безбедно. Сето тоа без приговор од Џон, кој со свои очи има видено што се случува со мртвите. Не знам што им се вртело во глава на оние што ја снимале епизодава, но и самиот Питер Динклиџ (Тирион) изјави дека „Изгледа Тирион не бил толку паметен како што мислев“.

Хероите се бесмртни

Џон, Даенерис, Сем, Подрик, Џејми, Бриен, Греј Ворм и Тормунд го преживуваат масакрот иако се опколени со стотици мртви кои сакаат да ги убијат. Гејм се етаблираше како серија во која секој може да умре, во која ниту еден лик, без разлика колку е важен, не е недопирлив. Во последниве две-три сезони, тоа се менува. Да умреше некој од горниве ликови епизодата ќе имаше поголем импакт. Вака, се разводнува целата борба и целиот билдап кој беше правен во претходните епизоди. Да, умреа Теон и Џора, но тоа се очекуваше.

Џон не е претерано корисен

Во епизодава, Џон аматерски јава змеј, паѓа од него, трча кон Ноќниот Крал само за да биде опколен од армија на мртовци (спасен со милиметарска прецизност од Даенерис и нејзиниот змеј Дрогон) и му се дере на зомби змејот Висерион. За последново постои теорија дека всушност не му се дере на змејот, туку и довикува на неговата сестра Ариа „ОДИ!“, правејќи диверзија за она да може да го убие „главниот“. Ако навистина тоа е така, тогаш подготвен сум да му простам за сите глупости во епизодава.

За разлика од многу луѓе, тоа што Ариа го убива Ноќниот Крал всушност ми се допадна. Кога добро ќе размислам, таа за тоа се подготвува уште од првата сезона. Овде ГоТ се враќа на своите корени. Иако очекуваме Џон или Даенерис да го зададе завршниот удар, тоа не се случува. Сепак, начинот на кој беше изведено сето тоа се уште ми е сомнителен.

Се на се, епизода која не ги исполни моите очекувања. Тоа е делумно и мој проблем. Зошто да очекувам сите прашања да ми бидат одговорени и се да се случи онака како што сум очекувал? Но, делумно е и проблем во изведбата. Во ситуација кога сме поведени во еден правец со надеж дека ќе добиеме одговори на прашања што се наметнуваат уште од првата епизода, еден бодеж во срце и сите надежи се срушени.

Остануваат уште три епизоди. Од нив зависи дали ГоТ ќе биде запамтена како една од најдобрите телевизиски серии некогаш направени, или како серија што вреди да ја гледаш првите неколку сезони.

Претходна статијаFacebook со нов изглед и поголем акцент на групите и настаните
Следна статијаЕфектите на 5G интернет врз здравјето: Колку е сериозна работата? (дел 2)