Како што се шпекулираше, Apple оваа недела официјално претстави два нови iPad модели, но без посебен настан. Истите беа објавени преку страната на компанијата, а достапни се и кратки видеа каде се презентираат новите функции.

iPad Pro, исто како и претходната генерација, доаѓа во две големини, односно со 11 и 12,9 инчен екран. Повторно помалиот модел не ја добива mini LED технологијата која овозможува посличен контраст со тој кај OLED екраните, па корисниците ќе треба да се задоволат со достапноста на 120 херци стапка на освежување, односно ProMotion како што ја нарекуваат од Apple.

Главната новина кај iPad Pro од оваа година е новиот М2 чип кој за првпат беше претставен кај MacBook Air и MacBook Pro 13 во јуни оваа година. Иако овој чип е изработен во малку подобрена, но иста технологија како М1, сепак донесува доволно подобрувања за корисниците да можат да ја забележат разлика, а посебно ако работат со посериозни апликации.

Како што „се пофалија“ од Apple и претходно, M2 чипот доаѓа со 8 јадрен процесор, исто како и M1, но со подобрувања кај јадрата за 15% подобрување кај перформансите. Поголема разлика има кај графичкиот процесор кој сега има 10 јадра и донесува 35% подобрување кај перформансите.

Од Apple јас истакнуваат и дупло поголемата брзина кај меморијата од 100GB/s и поддршка за 16GB од нивната заедничка меморија. Дополнително, „neural engine“ процесорот има 16 јадра и донесува дури 40% подобри перформанси во споредба со тој кај M1.

Со ова се доаѓа и до втората новина кај iPad Pro, а тоа е можноста за снимање на ProRes видео и истото без проблеми може доста побрзо да се изменува на самиот уред. Од Apple ова го нарекуваат перфектниот уред за работа надвор од канцелариите.

iPad Pro доаѓа и со поддршка за Apple Pencil 2 кое овој пат може да биде детектирано од страна на екранот на висина од 12 милиметри. Со ова корисниците кои често го користат ова пенкалце, може да работат со доста поголема прецизност.

Овие новини покажуваат дека iPad Pro оваа година е само мала надградба од претходната генерација, која во главно би им се погодила на тие со постари модели или тие што првпат сакаат да купат ваков уред.

Уште една новина може да се истакне, која повеќе е поврзана со iPadOS 16, а тоа е одличната Stage Manager функција со која iPad уредите на еден начин добиваат корисничко искуство послично со лаптоп компјутерите и е одлична за корисниците кои работат со повеќе апликации во исто време.

ИЗВОРApple
Претходна статијаБлагодарница за „Макпетрол“ за посебен придонес во развојот на клиниката „Св. Наум Охридски“
Следна статијаApple ја претстави десеттата генерација од iPad со нов дизајн и нова тастатура развиена за него
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.