Од неофицијалните информации кои стандардно ги има, не можеше сигурно да се дознае дали Apple ќе го претстави М2 чипот или сепак тоа ќе го остави за подоцна. Чипот на крај беше претставен и донесува новини во рамките на очекувањата, односно не се работи за драстично подобрување со оглед на доволно големиот временски период од претставувањето на М1.

М2, како што можеше да се прочита неофицијално, не доаѓа со целосно нов 3nm процес на производство, па го користи 5nm процес, но во своја втора генерација како што ја нарекуваат од Apple.

Тоа не значи дека сепак нема подобрувања кај чипот, а М2 доаѓа со 20 милиони транзистори, што е 25% повеќе од М1.. Исто така, М2 овозможува 100GB/s проток на информации од меморијата, што е 50% повеќе од М1.

Бројот на процесорски јадра е ист, односно 8, но има две повеќе кај графичките јадра. Тука доаѓа и најголемиот напредок во перформансите, кој изнесува до 35%, зависно од енергијата која ја користи чипот.

Процесорските јадра доаѓаат со нешто повисока фреквенција на работа со што се добива подобрување од 18% во споредба со М1, а на сето ова треба да се додаде и подобрувањето во заштедата на енергија.

Се на се, М2 донесува очекувани подобрувања и како што се најавуваше овој чип не е замислен да е посилен од M1 Pro, Max и Ultra чиповите, кои остануваат посилните варијанти во овој момент.

Првите уреди кои ќе работат на новиот М2 се редизајнираниот MacBook Air, како и 13 инчниот MacBook Pro.

MacBook Air доаѓа со редизајниран изглед, а може да се спореди со стилот кој Apple го претстави кај MacBook Pro моделите минатата година. Тоа значи дека MacBook Air доаѓа со исечок на горниот дел од екранот, а поради тоа и доста помали рамки околу него, со што се добива и зголемување на 13,6 инчи, а со помали димензии на целиот уред.

Овој компјутер сега исто така има и 1080p камера со која ќе може да се прават поквалитетни видео повици, а Apple го враќа MagSafe полначот со што двете Thunderbolt порти остануваат слободни за користење.

Повеќе детали за MacBook Air и MacBook Pro 13 можете да прочитате тука и тука.  

Претходна статијаiPadOS 16 донесува нов начин на работа со повеќе апликации
Следна статијаApple WatchOS 9 донесува подобрување кај мерењата при вежбање и спиење, нови „лица“ и нова функција за следење на лекарства
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.