Последниот уред за оваа недела, кој беше најавен со реченицата „Има нешто во воздухот“ од страна на Тим Кук, е Mac Studio кој сега ги добива чиповите M4 Max и M3 Ultra.
Најавата повеќе беше во правец на другите уреди, односно iPad Air со M3, како и MacBook Air со М4, а одлично е што надградба доби и Mac Studio кој последен пат беше надграден пред две години.
Како што беше случајот и со другите уреди, не се работи за драстични надградби, односно нема редизајн, па корисниците добиваат засилени верзии со понови чипови, а како што може да се види и од споредбите кои ги прават од Apple, тоа во главно им се порачува на корисниците со барем две генерации постари уреди.
Главното внимание за професионалците ќе го привлече Mac Studio со новиот M3 Ultra чип кој донесува поддршка за Thunderbolt 5, како и најмногу обединета меморија кај било кој компјутер, како што сакаат да истакнат од Apple, со 512GB меморија.
Корисниците можат да ја изберат и нешто „послабата“ верзија со M4 Max чипот, а слободно може да се каже дека Mac Studio останува еден од најдобрите компјутери на пазарот, а посебно кога ќе се земе во предвид и неговата големина.
Mac Studio со М4 Max започнува со 36GB унифицирана меморија, додека тој со M3 Ultra со 96GB, а корисниците можат да изберат верзија со до 512GB.
Од Apple истакнуваат дека корисниците на Mac Studio со M4 Max ќе добијат 3,5 пати подобри перформанси во споредба со тој со М1 Max, односно тој со M3 Ultra е 2,6 пати побрз од тој со М1 Ultra.
Споредбата помеѓу двата нови модели е дупла, односно M3 Ultra овозможува до
два пати подобри перформанси од тој со M4 Max.