Како што се очекуваше врз основа на гласините, а и најавата од страна на Тим Кук пред два дена, Apple денеска го претстави MacBook Air со најновиот М4 чип. Овој лаптоп се додава на iPad Air со М3 од вчера, како и новиот Mac Studio кој работи на новиот М3 Ultra.
MacBook Air со M4 не е драстична надградба во споредба со ланскиот модел, а тоа може да се види и од споредбите кои ги прави Apple, а со тоа покажува и од кои корисници очекува дека би го надградиле својот лаптоп.
Од компанијата истакнуваат дека новиот MacBook Air е дупло побрз во споредба со тој со М1 чипот, а во споредба со последниот ваков лаптоп со Intel чип, од компанијата истакнуваат дури до 23 пати разлика во перформансите.
Како што можевме да видиме уште од минатата година, почетната меморија која ја добиваат компјутерите од Apple сега е 16GB, а MacBook Air M4 има можност за избор до 32GB.
Лаптопот ја задржува можноста за издржливост на батеријата до 18 часа користење, а добива и нова камера со 12 мегапиксели која треба да овозможи подобри видео повици.
MacBook Air со M4 добива и нова боја, небесно сина, а остануваат досега достапните полноќна, ѕвездена светлина и сива.
Лаптопот повторно може да се нарача во две големини, односно 13,6 и 15,3 инчен екран со поддршка за до два 6К надворешни екрани.
Лаптопот за жал не добива поддршка за Wi-Fi 7, па корисниците ќе мора да се „задоволат“ со Wi-Fi 6e.
Најдобрата вест ја оставам за крај, а тоа е дека MacBook Air со М4 добива мало намалување на почетната цена, па ќе се продава за 100 долари помалку, а ќе видиме што тоа ќе значи претворено во нашите цени.