Apple очигледно оваа година започна со нов стил на претставување на нови производи, барем за овие кои не се претставуваат во стандардниот период во годината, каде директорот Тим Кук го најавува претставувањето.
Минатиот месец тоа беше случајот со најавата една недела порано на претставувањето на iPhone 16e, телефонот кој се очекуваше дека ќе биде iPhone SE 4 и кој досега не доби баш најдобри оценки, во главно поради цената.
Денеска Тим Кук повторно најави претставување на нов производ, овој пат за оваа недела, а за разлика од претходниот пат тој сега даде нешто повеќе како информација за кој производ може да го очекуваме.
Најавата е во форма на кратко видео на кое се прикажува реченицата „Има нешто во воздухот“, односно „There is something in the AIR“. Веднаш станува јасно дека производот кој можеме да го очекуваме оваа недела е MacBook Air.
Дел од информациите најавуваа претставување и на нова генерација од iPad Air, но оваа најава се користеше пред претставувањето на првиот MacBook Air во 2008 од страна на Стив Џобс, па се верува дека мали се шансите да бидат претставени и MacBook Air и iPad Air.
Што се однесува до MacBook Air, тој треба да го добие одличниот М4 чип и со тоа повторно да биде еден од најдобрите тенки и лесни лаптоп компјутери наменети за корисниците кои не бараат огромна моќ за сериозна работа.
Компјутерот веќе има две големини, односно стандардниот 13 и поновиот 15 инчен модел, па изборот на корисниците овие неколку години дефинитивно е подобар.