Фото: Apple

Со претставувањето на уште помалиот Mac mini вчера, како и со новите MacBook Pro компјутери денес, Apple официјално ги претстави и посилните верзии од нивниот M4 чип, M4 Pro и М4 Max. 

Ќе ги почекаме тестовите и споредбите со Windows конкурентите, но од тоа што може да се види, Apple останува на врвот со нивните ARM чипови. 

М4 чиповите се направени со втората генерација од 3nm технологија за чипови.

Повторно споредба Apple ја прави со M1, со што станува јасно дека подобрувањата на перформансите со ланскиот модел не се доволно големи за да звучи доволно добро во соопштенијата преку кои ги претставуваат новите производи оваа недела. 

Главното подобрување кое има разлика е кај процесорот за вештачка интелигенција, очекувано, односно NPU, а од Apple истакнуваат дека подобрувањето е за 2 пати во споредба со ланскиот модел. Се истакнува и подобрената способност на главниот процесор за работа со машинско учење. 

Фото: Apple

M4 Pro доаѓа со до 14 процесорски јадра од кои 10 се за перформанси, а 4 за заштеда на енергија. Apple поединечните јадра кај M4 ги нарекува најбрзи на пазарот. Графичкиот процесор доаѓа со до 20 јадра, а од компанијата истакнуваат дека тој е побрз од конкурентните AI PC за 2,4 пати, додека во случајот со процесорот разликата тврдат дека е 2,1 пати. 

Овој чип има поддршка за до 64GB обединета меморија која сега има брзина од 273GB/s, што е 75% побрзо од ланскиот модел, а ова исто така прави дополнителна разлика кај перформансите. 

Фото: Apple

M4 Max, моментално најдобриот чип во понудата од компанијата, доаѓа со до 16 процесорски јадра, од кои 12 за перформанси и 4 за заштеда на енергија. Apple тврди дека процесорот е за 2,5 пати побрзо од конкурентните AI PC. 

Графичкиот процесор кај M4 Max доаѓа со до 40 јадра, а перформансите кои ги донесува се за 4 пати подобри од тие кај AI PC конкурентите. 

Овој чип има поддршка за до 128GB обединета меморија и 546GB/s брзина, а и за тоа од Apple тврдат дека е за 4 пати побрзо од AI PC конкурентите.

Двата чипови донесуваат поддршка за Thunderbolt 5 со брзина до 120Gb/s со што корисниците добиваат можност за поврзување на повеќе периферни уреди со поголема брзина на пренос на податоци. 

ИЗВОРApple
Претходна статијаGoogle Chrome доби подетални прилагодувања на меморијата која ја користи прелистувачот
Следна статијаApple ги претстави MacBook Pro лаптоп компјутерите достапни со M4, M4 Pro и М4 Max чиповите
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.