Apple вчера покрај претставувањето на iPad Pro со M2 чипот, ја претстави и десеттата генерација од нивниот основен iPad модел, односно од првиот модел пред овој таблет компјутер да има повеќе варијанти.

Со оглед на тоа што новиот iPad Pro не е некоја посебно голема надградба во споредба со претходниот модел, слободно може да се каже дека поголемите промени доаѓаат кај десеттата генерација од основниот iPad.

Веднаш се забележува новиот дизајн на iPad, кој најдолго остана со стариот изглед и „home“ копчето поради кое останаа и прилично големите рамки околу екранот. Конечно iPad го следи модерниот стил на другите варијанти, па копчето е тргнато, а отклучувањето и заклучувањето на уредот се прават преку копче поставено на страната.

Со оваа промена iPad сега има многу помали рамки и наликува на модерен таблет компјутер кој вреди да се купи, а посебно кога ќе се види и неговата најниска цена во споредба со другите модели.

Покрај новиот дизајн, изборот на бои е поголем од останатите, па iPad може да се купив во сива, жолта, розова и сина боја.

На ова треба да се додаде и новата Magic Keyboard Folio тастатура која е специјално развиена и пуштена со овој модел. Оваа тастатура има голем „тракпад“, копчиња со мал простор на притискање, како и ред со копчиња за функции, како кај стандардните тастатури.

Десеттата генерација на iPad доаѓа и со нешто поголем екран, односно тој сега е со големина од 10,9 инчи и е наречен Liquid Retina екран. Резолуцијата на овој екран изнесува 2360 на 1640 пиксели, ја има True Tone функцијата и овозможува просечни 500 нити осветлување.

На копчето кое е поставено на страната вграден е сензорот за отпечатоци, кој може да се користи за отклучување на уредот, купување апликации од продавницата и слично.

Apple на предната страна се има одлучено да ја постави камерата на поразлична позиција од обично, па сега камерата со 12 мегапиксели е поставена на подолгата страна. Со тоа уредот е повеќе погоден кога се користи за видео повици и слично, а корисниците нема да се прикажуваат од чуден агол. Оваа камера ја поддржува и Center Stage функцијата на Apple.

На задната страна е поставена камера со исто така 12 мегапиксели и можност за снимање во 4К резолуција и 240 fps slow motion.

iPad оваа година работи на A14 Bionic, а Apple истакнуваат дека овој чип донесува 20% подобрување на перформансите на процесорот, како и 10% подобрување на перформансите на графичкиот процесор. Според нив, овој таблет е 5 пати побрз од најмногу продаваните Android таблет компјутери, сигурно мислејќи на тие од пониската и средната класа.

ИЗВОРApple
Претходна статијаApple го претстави iPad Pro со M2 чипот
Следна статијаNetflix Profile Transfer е првиот чекор пред наплатата на корисниците кои не се дел од истото домаќинство
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.