Сервисите за стриминг на видео содржина стануваат се повеќе популарни, а тоа посебно се случува на сметка на „обичната“ телевизија. Луѓето се повеќе се решаваат за сега веќе не толку малиот број на стриминг сервиси каде се достапни повеќе филмови и серии, а посебно новите кои самите сервиси почнуваат да ги продуцираат.
Во нашата земја се достапни четири сервиси за стрминиг, односно Netflix, Amazon Prime Video, HBO Go и Pickbox. На корисниците во САД им се достапни уште неколку сервиси, а се појавуваат и уште доста помали кои треба да се додадат на можноста за стрминиг на телевизиските канали.
Слободно може да се каже дека изборот кај нас не е воопшто лош, а посебно доколку не ви смета да плаќате за неколку сервиси. Какви се овие сервиси секако е важно да се знае со цел да се добие што подобро корисничко искуство.
Amazon Prime Video има одличен избор на филмови и серии, а посебно е добар изборот и на нешто постари серии кои порано сите ги имаме гледано. Тие исто така имаат доста добра и квалитетна сопствена продукција, која иако е поретка од Netflix, може да се каже дека е подобра на некое ниво.
Сепак, овој сервис имаше една маана, а тоа е неможноста да се креираат посебни профили како во случајот на Netflix. Тоа значи дека доколку од истата сметка гледаат повеќе луѓе, тоа што го гледаат, односно листата на почнати филмови и серии за сите ќе биде иста, а препораките ќе се мешаат поради вкусовите на неколку различни гледачи.
Според информациите од корисници во одредени земји, Amazon конечно почнува да ја тестира, а постепено и ќе ја пушти за сите, оваа функција на својот сервис. Бројката на различни профили ќе биде поголема од таа кај Netflix, па Prime Video ќе може да го гледаат до 6 различни корисници со сопствен дел за предлози, листи и започната содржина.
Профилите ќе може да се додаваат во делот „My Stuff“ кога можноста ќе стане достапна, а веруваме дека Amazon тоа ќе го направи да биде очигледно.